Ставревски рече дека до 2020 година не се предвидувале редовни надзори во општини каде што нема инспектори, а од Инспекцискиот совет било укажано дека во годишниот план и за овие општини требало да се планираат инспекциски надзори
На вкрстено прашање од одбраната сведокот рече дека обврската за одржувањето на ПП-опремата е директна одговорност на корисникот, односно институцијата

Сведокот Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани изјави дека до 2020 година не биле предвидувани редовни инспекциски надзори во општини во кои нема инспектори. А, Кочани, како што рече, немало покриеност со инспектор за проверки и превенција.
Ставревски појасни дека инспекциски надзори се вршат за проверка на усогласеноста на правните лица со Законот за заштита и спасување и можат да бидат редовни, вонредни или контролни.
Според неговата изјава, редовните се спроведуваат според планот на инспекторите, вонредните се вршат по иницијатива или пријава, а контролните следат по истекот на рокот од редовниот или вонредниот надзор, ако се утврдени неправилности.
Доколку биде поднесена иницијатива или барање за вонреден надзор до ДЗС, тоа се доставува до инспекторот кој ја има територијалната надлежност да го спроведе инспекцискиот надзор.
„Праксата за задолжение досега е само со задолжување во книга доколку инспекторот е во Скопје или преку препраќање на имејл, ако инспекторот е во друга подрачна единица. По спроведени надзори и вонреден и редовен копии од извештаи се доставуваат до внатрешна служба“,
изјави сведокот.
Ставревски нагласи дека раководството на ДЗС знае каде има, а каде нема инспектори. Во случај подрачна единица да нема инспектор, задолжувањето го дава генералниот инспектор, понекогаш и усно поради итност. Директорот, раководителот на сектор и сите останати вработени, како што рече, знаат во кои подрачја има, а во кои нема инспектори.
„Тоа не се сознанија, тоа се факти врз основа на пополнетост на систематизација и одлуките за прераспределување, а согласно територијалната организираност на ДЗС“,
изјави сведокот.
Тој додаде дека проценката на ризик при инспекциски надзор е нешто сосема друго, додека проценката на загрозеност од ризик е врзана со планот за заштита и спасување.
„Обврска за проценка на ризик е задолжение од закон за инспекциски надзор. Таа е изработена, но согласно правилниците за нејзина изработка наведено е дека се врши технички со помош на електронскиот систем за инспекциски надзори на Инспекцискиот совет каде се внесени претходно извршени инспекциски надзори и проценки од правни лица. Ние во ДЗС не сме имале пристап до тој систем, каде по закон е наведено кои сѐ инспекциски служби имаат пристап. Од тие причини и покрај извршена процена на ризик, не сме во можност да вршиме процена на ризик и да го употребуваме тој документ“,
изјави сведокот.
Ставревски рече дека до 2020 година не се предвидувале редовни надзори во општини каде нема инспектори, а од Инспекцискиот совет било укажано дека во годишниот план и за овие општини требало да се планираат инспекциски надзори.
„Тоа практично го испочитувавме, така што барем еден надзор внесуваме по општини како бројка, но исполнувањето на таа обврска реално не беше можна поради одлуките за распределба и немањето доволно инспектори истите не се извршува, иако беа предвидени во Годишниот план како бројка, но не како субјекти. Го испочитувавме тоа барање, но не го направивме“,
додаде сведокот.
За редовни надзори, како што појасни, не била направена распределба на инспектор во општини каде што нема вработено инспектор.
Прашан дали постои генерално овластување инспектор од друга општина да дејствува превентивно во Општина Кочани и да врши надзор, сведокот рече не додавајќи дека посебно овластување дадено на инспектор нема.
Покриеност на Општина Кочани со инспектор за вршење проверка и превенција, сведокот рече дека нема, но додаде дека не може да знае дали колегите од подрачните одделенија во сите изминати години имаат извршено проверки во „Пулс“.
По 16 март 2025, сведокот рече дека се вршени вонредни инспекциски надзори на дискотеки и кабареа, вклучително и во Кочани. Се постапувало по барања на МВР и останати институции, било да е во вид на пријава или барање за вршење вонреден инспекциски надзор со останати институции.
„Инспекторите во текот на своето работење да се придржуваат до своите планови за работа и регионот каде се распределени. Секоја активност надвор од регионот не е дозволена. Отстапки се дозволени само по налог на директор, генерален инспектор и помошник на генерален инспектор”,
е порака за која сведокот потврди дека ја има испратено нагласувајќи оти тоа било генерално потсетување до сите инспектори за одлуката на директорот за распределување работници во подрачни одделенија.
На прашањето дали инспекторите се придржувале до пораката и пред 16 март 2025, сведокот рече веројатно, но не може да тврди за колку голем период. Одговарајќи на вкрстени прашања од одбраната, тој рече дека постојат приоритетни објекти по ризик за инспекциски надзор, кои се дефинирани согласно закон. На друго прашање од одбраната сведокот посочи дека обврската за одржувањето на ПП-опремата е директна одговорност на корисникот, односно институцијата.
Прашан што треба да поседува едно лице за да стане инспектор во ДЗС, сведокот посочи дека согласно закон, инспектор за заштита и спасување може да биде лице кое има минимум пет години работно искуство во заштита и спасување и завршено високо образование и тоа се однесува на овластено службено лице од областа на заштита и спасување, а согласно закон за инспекциски служби наведен е и условот инспектор може да биде лице кое има положено испит и се стекнало со лиценца за заштита и спасување, кој се полага во поранешниот Инспекциски совет.
Прашан дали инспектор во ДЗС може да стане само лице вработено во ДЗС или кое било друго лице од надвор што ги исполнува условите, сведокот рече ако биде објавен оглас, секој што ги исполнува условите може да се пријави, не мора да биде одвнатре.
На вкрстено прашање дали е точно дека ниту една институција не го информира ДЗС за новорегистрирани правни субјекти и новоиздадена лиценца за ноќни клубови, сведокот рече потврди, појаснувајќи дека Генералниот инспекторат на ДЗС не добива вакви информации од институции, ниту, пак, подрачните единици на ДЗС за дадени согласности.
На прашање на Судот дали некогаш за објектот „Пулс“ имало вонреден надзор, односно дали имало поплака, сведокот рече дека колку што му е познато, не.
Прашан дали може самиот инспектор, ако забележи неправилности, да изврши сам вонреден надзор без да биде поднесена поплака, сведокот рече хипотетички да, но повторно би бил потребен налог, од неговиот претпоставен, во случајот генералниот инспектор.
Со оглед на фактот дека до пожарот во Кочани имавме мал број пријави и претставки, генерално по сите е добиен повратен одговор.
„Биле предвидени надзори, меѓутоа, како што кажав, како бројка, бидејќи планот тоа го бара и затоа не е предвидено точно кој објект треба да биде посетен“,
рече тој.
Судот на почетокот на денешното рочиште информира дека бил известен од затворот „Куманово“ оти не биле во можност да се реализира барањето за спровод на првообвинетиот за пружање медицинска помош.
Судот појасни дека проблемот не е во одбивањето медицинска помош, туку во тоа што затворот не може да ја обезбеди во конкретниот термин. Затоа предложи барањето да се формулира за период од ден-два, за да се реализира кога ќе има можност.
Бранителот на Митко Стојанов и Стојанчо Димитриев, адвокатот Благој Јованов, на почетокот на денешното рочиште за случајот „Пулс“ изнесе забелешка за работата на медиумите.
„Да не постои контаминација на јавноста со носење на селективни заклучоци. Во изминатиот период бевме сведоци како медиумите освен што пренесуваат изјави и искази, носат и сопствени заклучоци. Затоа, ги молам медиумите да ги пренесуваат изјавите, но да се воздржат од носење заклучоци“,
изјави адвокатот.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.
На крајот на денешното рочиште, како што е најавено, Обвинителството треба да се произнесе за повлекување на дел од предложените сведоци и за најавената динамика на повикување.
