Прв услов е лицата што се попишале да ги има во базата на државјани на МВР, објаснуваат од Статистика по тврдењата на Левица дека во дијаспората се попишувале лица што веќе се откажале од македонското државјанство
Државниот завод за статистика (ДЗС) демантира дека се попишуваат лица што се откажале од македонско државјанство. Тие велат дека се работи за дезинформации бидејќи првиот услов за пописот е лицата да бидат државјани.
„Државниот завод за статистика најостро ги демантира информациите што се појавија во јавноста дека постои можност да се самопопишат и лица што се откажале од македонското државјанство. Тоа се дезинформации. Прв услов е лицата што се попишале да ги има во базата на државјани на МВР. По вкрстување на базите, оние лица што ги нема ќе бидат отстранети, иако се обиделе да се попишат со пасивизиран матичен број“,
велат од Државниот завод за статистика.
Партијата Левица вчера тврдеше дека во дијаспората се попишувале лица што веќе се откажале од македонското државјанство. Според нив, легитимноста на пописот е целосно поткопана.
„Последен пример за ова е новата нерегуларност што деновиве беше потврдена од лица во дијаспората. Нерегуларноста се однесува на тоа дека во дијаспората се попишуваат и лица што се откажале од македонското државјанство?! Имено, ова беше потврдено дури и од првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби, кој кажа дека за да се попишеш ‘доволно е лицето да има извод од матична книга на родени, извод од книга на венчани или каков било друг документ’. За Груби важно било само да има што поголем број Албанци, што ќе придонело за ‘унапредување на правата на Албанците во Македонија’“,
рекоа вчера од Левица.