Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, денеска во Собранието ќе има средба со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претседателот на парламентот Талат Џафери, министрите за правда и за локална самоуправа, Бојан Маричиќ и Горан Милевски, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, во врска со организацијата на пописот.
На средбата се поканети и сите градоначалници зашто нејзината цел е координација со локалните самоуправи за непречено да може да се организира оваа статистичка операција.
Според Законот, претседатели на пописните комисии во 50 региони ќе бидат токму секретарите на општините.
Законот за попис беше изгласан минатата недела во Собранието, а владејачките партии во гласањето добија поддршка од опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива. Законот предвидува дека пописот во земјава ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Според Законот, со него да бидат опфатени сите лица кои се државјани на Северна Македонија и имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на спроведување се наоѓаат во земјава или во странство. Понатаму, странците кои имаат одобрен престој, како и лицата без државјанство кои во моментов на спроведување се затекнати во државата.
За државјаните кои се на привремена работа или престој во странство, податоците ќе може да ги даде најблиското лице, при што ќе го даде и својот и матичниот број на лицето кое е отсутно. На овие лица ќе им се овозможи и сами да се попишат во периодот од 1 март и 21 април преку посебна апликација на веб-страницата на Државниот завод за статистика.
Од друга страна, пак, со пописот нема да бидат опфатени странските дипломати и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал и сите странци кои во тој момент ќе бидат во Северна Македонија заради службен пат, приватна посета, лекување, туристички и слични патувања.
Законот предвидува дека покрај податоците од терен ќе се вкрстуваат и со податоците од институциите како: МВР, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, УЈП, ПИОМ, Управа за водење матични книги, Агенцијата за катастар и ДЗС.