Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) велат дека со навремената пријава и брзата реакција е избегната потенцијална опасност по безбедноста на граѓаните и работниците ангажирани на терен
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопшти дека безбедно отстранила шест артилериски гранати од Првата светска војна што биле пронајдени во околината на Гевгелија при изведување градежни работи за изградба на гасовод.

Како што информираат од ДЗС, нивна екипа излегла на терен по пријава од физичко лице, а интервенцијата за отстранување на гранатите била извршена од пиротехничарот на Дирекцијата, Зоран Пеев.
„При извршениот теренски увид, безбедно беа отстранети шест артилериски гранати со калибар од 75 милиметри. Станува збор за гранати од периодот на Првата светска војна, заостанати од Солунскиот фронт“,
се наведува во соопштението.
Пронајдените експлозивни направи биле транспортирани на безбедна локација и пренесени на полигонот „Криволак“, каде што ќе бидат уништени согласно пропишаните безбедносни процедури.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека со навремената пријава и брзата реакција е избегната потенцијална опасност по безбедноста на граѓаните и работниците ангажирани на терен.
Инаку, неретко се случува во Гевгелиско-Дојранскиот и во Битолскиот Регион да бидат пронајдени гранати, останати од Првата светска војна, особено при изведување градежни работи.
