Предмет на ревизија биле и постапките за селекција на административни службеници, за спроведување на испитот за административен службеник и испитот за административно управување во 2020 и 2021 година
Нема оптимален број човечки ресурси за извршување на работните задачи во одделението за ИТ и поддршка и недостасуваат дел од процедурите за спроведување на промени во Базата на прашања и „контрола на четири очи“, констатирал Државниот завод за ревизија, по извршената ИТ-ревизија во Агенцијата за администрација за реализација на надлежностите при вработувањето во јавната администрација.
Имајќи предвид дека целата постапка се спроведува со употреба на информациски систем во Агенцијата, нема доволен број вработени во Одделението за ИТ и поддршка, констатирале ревизорите.
„Таквата состојба предизвикува преоптовареност на постојните вработени и го доведува во прашање навременото и ефикасното извршување работните задачи. Не е обезбедена секундарна локација со потребна информатичка опрема и софтвер заради непречено одвивање на постапката во случај на прекин на работата на информацискиот системот на примарната локација, каде би продолжиле постапките и активностите на Агенцијата. Ваквата состојба може да предизвика прекин во реализација на активностите за објавување на јавен оглас, спроведување на испит и тест на личност на кандидатот“,
се вели во денешното соопштение од Државниот завод за ревизија.

Од ДЗР нагласуваат дека во однос на примена на најдобрите практики за ИТ-безбедност и безбедност на податоците, тие се применуваат во помал обем и не се документирани, односно за тоа не постои пишана политика или процедура за начинот на нивната имплементација.
„Утврдената состојба е резултат на малиот број на вработени лица од областа на ИТ, како и недостиг на стручна обука за управување на постојните информациски системи“,
велат од ДЗР.

Во текот на 2020 и 2021 година, за време на изборните активности, од страна на вработените на Агенцијата се почитувале одредбите од Изборниот законик за запирање на сите постапки за огласување и постапки за спроведување на тестови и спроведување на тест на личност и интервју, но дека поради отсуството на апликативна контрола за целосно ограничување на пристапот до системот, се овозможува негово користење во делот на административна селекција на пријавените кандидати, за огласи објавени пред донесување на Решението за распишување на избори.
„Констатирани се одредени активности во системот кои се однесуваат за веќе завршени јавни огласи за вработување пред распишување на изборите во 2020 година и 2021 година. Отсуствува ограничување на мрежниот пристап до компјутерите во просторијата за полагање и до модулот и базата на прашања за испити, со време на пристап, корисничко име на вработениот кој пристапил и акции кои ги извршил при пристапот, а отсуствува автоматизирана процедура за преземање на базата на прашања за испити во надлежност на МИОА, процедура за ажурирање на промени и ревизорска трага за спроведена контрола при ажурирање на базата на прашања за испити од страна на Агенцијата за администрација со што постои ризик за навремено евидентирање на промените во базата на прашања кои треба да се усогласени со тековните промени на законската регулатива и ризикот од грешки при мануелно внесување на промените“,
велат од ДЗР.

За надминување овие состојби, ДЗР дал препораки до надлежните лица во Агенцијата за администрација за подобрување на реализацијата на надлежностите на Агенцијата и да се обезбеди додадена вредност за зајакнување и создавање на поефикасен и потранспарентен систем за спроведување на постапките за полагање на испитот, доверливост, достапност и интегритет на податоците.
Ревизијата на усогласеност ги опфатила процесите поврзани со информацискиот систем и нивната усогласеност со законите, политиките и стандардите што се применуваат во Агенцијата за објавување на огласи за вработување на административни службеници.

Предмет на ревизија биле и постапките за селекција на административни службеници, за спроведување на испитот за административен службеник и испитот за административно управување во 2020 и 2021 година.
