Државните ревизори, меѓу другото, утврдиле дека (тогашниот) директор на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13 971 000 денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку „Мастер дилер“
Во врска со објавените написи во медиумите за наодите на ДЗР денеска реагираа од „Државна лотарија“. Оттаму велат дека објавените информации се „неосновани, тенденциозни и нецелосни“, бидејќи не е направена јасна дистинкција меѓу периодот на управување од претходното раководство (СДСМ и ДУИ) и тековното раководство
Нелогични и непостоечки трансакции и записи без соодветна финансиска документација се само дел од неправилностите што ги констатирале ревизорите во Државната лотарија за работењето на акционерското друштво во 2024 година. Ова, според ревизорите, отвора сомнеж за злоупотреба на парични средства и незаконско работење со благајната и платежните сметки.

Во официјалната информација од ревизијата се наведува дека дневниот пазар по основ на продадени лотариски и електронски игри на среќа не бил редовно уплатуван на платежните сметки во деловните банки.
Во 2024 година била извршена уплата по основ на дневен промет, и тоа во април и кон крајот на 2024 година. Овие уплати, како што утврдиле ревизорите, не биле од дневен промет, туку средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на компанијата.
„Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува 46 039 илјади денари (746 970 евра), но истиот не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото, иако согласно законската регулатива правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка“,
се наведува во извештајот.
Истовремено, како што нотира ревизорот, не биле воспоставени внатрешни контроли во целокупното работење на друштвото, а немало ниту разграничување на надлежностите меѓу вработените и следење и контрола на трансакциите во процесот на продажба и евидентирање и уплата на дневен промет од продажба.
Во Правилникот за систематизација на работни места биле предвидени и пополнети работни места благајник и шеф на сметководство во Секторот за финансии и сметководство, но поголем дел од работите што се однесувале на прием и ракување со готови пари, како и нивно сметководствено евидентирање, ги извршувал директорот на Секторот за финансии и сметководство.
„На ова се надоврзува и околноста што во друштвото не функционирала внатрешната ревизија, што резултирало со неоткривање на недозволените и нелегални активности. Наведеното предизвикува нефункционално финансиско управување, ја нарушува финансиската дисциплина и претставува сомнеж за можна злоупотреба на парични средства. Државните ревизори утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13 971 000 денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку ‘Мастер дилер’“,
стои во соопштението од ДЗР.

Во него се наведува дека во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите нотираат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63 294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот онлајн систем, што не е во согласност со правилата на играта и ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на „Државна лотарија“.
Неправилности ревизорите на ДЗР утврдиле и при доделените договори за маркетинг-услуги, а во 2024 година била набавена и опрема во вкупен износ од 26 620 000 денари, без соодветна документација за извршен квалитативен и квантитативен прием на истата. Дел од примената опрема во износ од 15 387 000 денари, не одговарала на перформансите наведени во техничката спецификација од склучените договори, како и на опремата евидентирана во сметководството.
„Наведената состојба e констатирана и со извршениот попис за 2024 година, со кој истовремено е утврден и кусок на истата опрема (телевизори за продажните места на деловните соработници, систем за видеонадзор и дел од компјутерска и комуникациска опрема) во износ од 3 722 илјади денари“,
стои во ревизорскиот извештај.

Во врска со наодите на ДЗР и објавените написи во медиумите, денеска реагираа од „Државна лотарија“. Оттаму велат дека објавените информации се „неосновани, тенденциозни и нецелосни“ бидејќи не е направена јасна дистинкција меѓу периодот на управување од претходното раководство (СДСМ и ДУИ) и тековното раководство.
„Таквиот пристап создава погрешна слика во јавноста и претставува сериозно отстапување од принципите на објективно и точно информирање,“
се вели во реакцијата.
Од компанијата, која е единствен државен приредувач на игри на среќа во Македонија, велат дека веднаш по преземањето на функцијата, во септември минатата година, новото раководство побарало целосна ревизија од Државниот завод за ревизија со цел утврдување на фактичката состојба и идентификација на евентуални неправилности наследени од претходното раководство.
Во демантот, од „Државна лотарија“ се закануваат и со тужби за клевета до медиумите доколку не ги повлечат објавените содржини. Според „Државна лотарија“, спорно е што медиумите не воделе сметка за временската рамка и селективно пренесувале делови од извештајот на ревизорот.
