Иако во 2023 година Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција и се воведоа построги казни за насилство, остануваат сериозни предизвици, констатираат ревизорите
Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат ефикасна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство, покажува најновата ревизија на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Според анализата, системот за заштита е сè уште недоволно развиен, а бројките на жртви и сторители остануваат алармантни. Во 2023 година, мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела поврзани со семејно насилство, додека жените биле четири пати почесто жртви.
Оттаму велат дека иако во 2023 година Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција и се воведоа построги казни за насилство, остануваат сериозни предизвици како недоволна криминализација на психичкото насилство, зависност на постапките од предлог на жртвата, недостиг на кадар во центрите за социјална работа и неуреден систем за лиценцирање на СОС-линиите и специјализираните услуги.

Во периодот од 2020 до 2023 година се евидентирани 6 282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините. Дополнително, од вкупно 52 активности предвидени со Акцискиот план за имплементација на Истанбулската конвенција, целосно се реализирани само 22, додека 30 активности остануваат нецелосно или воопшто не се спроведени.
„Утврдивме дека за периодот по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство“,
велат од ДЗР.
Ревизијата покажала дека бројот и распределбата на засолништата и советувалиштата не ги исполнуваат стандардите од Конвенцијата. Наместо потребни 184 легла во засолништа, постојат само 67, од кои дел веќе не се во функција. Од потребните 19 советувалишта, воспоставени се 11, а во поединечни региони нема ниту едно.
„Во Центрите за социјална работа не е направена планираната реорганизација поради отсуство на функционална анализа и стандардизирани процедури, а истите се соочуваат со недостиг на кадар. Дополнително, дел од здруженијата кои даваат специјализирани услуги не се лиценцирани, а не постои уреден систем за лиценцирање на СОС-линиите“,
велат оттаму.
Од Ревизија предупредуваат дека по истекот на планот во 2023 година не е донесена нова Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту сите потребни подзаконски акти, што ја доведува во прашање целосната имплементација на Конвенцијата.
Дополнително, согласно податоците на МВР, во петгодишниот периот од 2018 до 2023 г. се изврешни 6 242 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои 61 отсто за телесна повреда, 35 отсто за загрозување на сигурноста. Регистрирани се 6 423 сторители, од кои 91 отсто се мажи, и 6 663 жртви, од кои 79 отсто се жени. Во истиот период се евидентирани и 2 347 прекршоци, со речиси еднаков број жени и мажи жртви.
„Податоците покажуваат континуиран и непроменет сооднос во кој мажите се доминантни извршители на насилство, а жените се значително почесто жртви, што упатува на недоволна ефективност на досегашните мерки за превенција и заштита. Бројот на мажи сторители на кривични дела е 9 до 11 пати повисок од бројот на жени“,
заклучуваат од ДЗР.