Државниот завод за ревизија денеска преку соопштение ги потсети сите учесници во изборната кампања дека се должни во рок од 20 дена од денот на настапување на предизборниот молк за првиот круг, односно до 4 ноември 2021 година, да поднесат Извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања
Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска преку соопштение ги потсети сите учесници во изборната кампања дека се должни во рок од 20 дена од денот на настапување на предизборниот молк за првиот круг, односно до 4 ноември 2021 година, да поднесат Извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања од денот на нејзиното отворање до завршувањето на првиот изборен круг.
Во соопштението се наведува дека извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања од денот на нејзиното отворање до завршувањето на првиот изборен круг треба да се достави до архивата на Државниот завод за ревизија или по електронски пат на службената електронска адреса на ДЗР: dzr@dzr.gov.mk испратен од меил адресата на учесникот во изборната кампања што е регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Правилникот е објавен и на официјалната веб-страница на Државниот завод за ревизија www.dzr.mk, во табот Локални избори 2021, во подтаб законски акти на следниов линк: https://dzr.mk/sites/default/files/2021-09/Pravilnik_za_%20izmenuvanje_%20na_Prav_izveshtaj_IK.pdf
Од ДЗР истакнуваат дека согласно член 177-а став 4 од Изборниот законик имаат надлежност да достават предлог до Државната изборна комисија за донесување Одлука за забрана (суспензија) на исплатата на надоместокот на трошоците за финансирање на изборната кампања за локалните избори за 2021 година кои им се исплаќаат од Буџетот на учесниците во изборната кампања кои нема да го достават ваквиот извештај во пропишаниот рок и содржина до Државниот завод за ревизија.
Исто така, согласно одредбите од член 189 став 4 од наведениот Закон пропишана е глоба во износ од 9 000 евра во денарска противвредност која ќе им се изрече за прекршок на политичка партија, коалиција односно независен кандидат ако не поднесат извештај за финансирање на изборната кампања во предвидениот рок од членот 84-б од Изборниот законик, потсетува ДЗР.
ОБСЕ/ОДИХР во прелиминарните наоди од извештајот по завршувањето на вториот круг од изборите исто така го споменаа овој проблем кој влијае на намалување на транспарентноста.
„Иако од кандидатите во вториот круг се бараа финансиски извештаи тие не беа објавени пред гласањето. Од оваа причина, како и поради недоволните информации објавени во јавноста за отчетноста во врска со финансирањето во кампањата во првиот круг се намали транспарентноста“,
забележуваат од Мисијата на ОДИХР.