Во четири града во Македонија се шират или се ширеа списоци на лица позитивни на ковид-19, со што се кршат Законот за заштита на лични податоци и Законот за заштита на правата на пациентите
„360 степени“ во Македонија и „Јужне вести“ во Србија трагаа по завршниците на случаите со јавно објавување на податоци на пациенти болни од ковид-19, но засега нема „виновници“
Во Србија дури и Министерството за здравство објавило податоци за пациенти, што е забрането со закон
Дваесет и осумгодишна кичевчанка пред три месеци го прележала коронавирусот дома, со полесни симптоми. Причината што приказната на оваа млада жена заслужува внимание не е нејзината борба со вирусот, туку со општеството. Кога се разболела, нејзиното име веднаш се нашло на список со ковид-19 позитивни пациенти, кој тајно се споделувал во пораки на социјалните мрежи Фејсбук и Вибер. Не сакајќи повторно да се изложи на непријатни моменти, а со желба да алармира за проблемот, инсистираше анонимно да ја раскаже својата траума.
„Уште на почетокот, кога почна сѐ ова со коронава, одма се знаеше кој е заболен, кој добил позитивен тест. Во град како Кичево, кој е мал и речиси сите се познаваме, по пораки на Фејсбук се ширеа тие списоци на луѓе кои добиле позитивен тест. Ми го прати пријател, не со намера да ме навреди туку сакаше ми каже да го поминам вирусот со лесно, без да ми влијае тоа психички, но чувството не е убаво кога ќе си го видиш името така. Во вака мали места сите зборуваат за тоа, овие биле заразени, оние не биле заразени и така натаму“,
вели нашата соговорничка.
Иако мисли дека луѓето сѐ повеќе сфаќаат дека никој не е поштеден од вирусот, нашата соговорничка вели дека во Кичевско сѐ уште се споделуваат списоци со болни на социјалните мрежи.
„Од каде излегуваат тие списоци не знам, но мислам дека секој сам треба да си одлучи дали јавно на Фејсбук ќе соопшти дека е позитивен или нема. Здравствените власти постојано ни кажуваат дека податоците на пациентите се заштитени со закон, ама очигледно не е така штом цел град ги има тие списоци. Исто е дали списокот ќе се објави јавно или ќе се праќа по пораки, кога знам дека цел град го видел“,
вели нашата соговорничка.
Списоци има и во други градови, по „виновниците“ се трага
Кичево не е единствениот град во Македонија каде што кружат списоци со болни од ковид-19. Во Охрид редовно се објавуваат податоци за лица позитивни на ковид-19 по социјалните мрежи. Тој случај е и единствениот за кој „360 степени“ обезбеди потврда дека е предмет на интерес на истражните органи, но засега сторителите не се откриени.
„По добиено известување од СВР Охрид, Основното јавно обвинителство Охрид оформи предмет по кој јавен обвинител презема дејствија за утврдување на факти и прибирање податоци“,
информираа од ОЈО Охрид.
Во Струмица е регистриран случај на објавување списоци по социјалните мрежи во септември. Жртви се малолетници од одбојкарски клуб во Струмица кои беа во самоизолација. Претседателот на клубот најави кривични пријави, но сѐ уште нема епилог.
Во Куманово, пак, граѓанин пријавил во Агенцијата за заштита на личните податоци дека си го нашол името на список со позитивни од ковид-19 кој се ширел по социјалните мрежи. Агенцијата констатирала дека вината не е кај општината, но случајот го препратиле во кумановското обвинителство.
„По извршената вонредна супервизија, не е констатирана повреда на одредбите за заштита на личните податоци сторена од страна на општината. На 10 април 2020 година директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци до Основното јавното обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител за кривично дело злоупотреба на лични податоци според член 149 од Кривичниот законик за незаконска обработка на лични податоци (име, презиме, адреса, матичен број) на лица од Куманово наводно позитивни на ковид-19“,
велат од Агенцијата за заштита на лични податоци.
Токму Агенцијата за заштита на личните податоци е едно од најголемите „оружја“ во рацете на граѓаните чии лични податоци и приватност се нарушени. Но, дали поради незнаење или поради страв, оштетените не ги пријавуваат злоупотребите. Од 1 март до 1 ноември годинава во Агенцијата за заштита на лични податоци, во Одделението за нормативно-правни работи, има доставено вкупно 262 претставки. Во истиот временски период во Секторот за инспекциски надзор има доставено вкупно 70 барања за утврдување повреда на правото на заштита на личните податоци. Од овие претставки само една се однесува на ширење списоци со имиња на ковид-позитивни, и тоа за случајот во Куманово.
Директорот на Агенцијата, Имер Алиу, ги повикува сите засегнати да ги пријавуваат ваквите случаи. Вели дека процедурата за пријавување е едноставна, пријавата се пополнува електронски, а може да се пријави и лично, во просториите на Агенцијата.
„Законот за заштитата на личните податоци во никој случај не е пречка за спроведување на мерките за зачувување на јавното здравје. Но, потребно е да се обезбеди сигурност и доверливост на податоците, особено ако се работи за податоци за здравјето на луѓето. Важно е да се напомене дека идентитетот на лицата што се засегнати од коронавирусот не треба да се открива на трети лица, без да постои јасно оправдување за ваквото постапување. Потребно е да се обработува минимален обем на податоци кој е потребен за примена на мерките за превенција и спречување на ширење на коронавирусот“,
вели Алиу.
Доказ дека Агенцијата може да дејствува не е само случајот во Куманово. Институцијата веќе направила надзор и во Министерството за здравство и утврдила прекршувања преку мобилната апликација за следење контакти „Стопкорона“.
„Во периодот од јули-август 2020 година извршен е надзор во Министерството за здравство за контрола на обработката на лични податоци со мобилна апликација за следење контакти ‘Стопкорона’ за потенцијална изложеност на ковид-19 и утврдени се прекршувања според Законот за заштита на личните податоци и следствено е издадено решение со корективни мерки“,
велат од Агенцијата.
Во Србија се злоупотребуваат личните податоци на различни начини
Соседна Србија не соопштува толку официјални податоци во врска со ковид-19 како Македонија, но тоа не значи дека нема прекршувањата на правото на приватност и на заштитата на личните и медицински податоци.
Најгрдиот случај се случи неодамна, кога во јавноста се појави фотографија од полугола пациентка која се лекувала во ковид-центарот во белградска „Арена“. Некој ја сликал жената додека се пресоблекувала и потоа фотографијата ја споделил на социјалните мрежи.
И таму надлежните сè уште го бараат сторителот.
Но, токму надлежните во Србија беа и првите што почнаа да ги кршат правата на пациентите. Фондацијата „Шер“ (Share), која го набљудува процесот, открила дека во осум дена во април јавно биле достапни податоците на болните од ковид-19 и тоа преку веб-страницата за ковид-19.
„Со цел следење на епидемијата, беше создаден информациски систем за ковид-19 во кој требаше да се водат сите тие податоци и врз таа основа да се предложуваат и да се носат нови епидемиолошки мерки. Во текот на истражувањето како работи овој систем, ‘Шер’ откри дека Здравствениот дом во Раковица на својата веб-страница ги објавил корисничкото име и лозинката за логирање во овој систем, така што практично секој посетител можел да се логира во системот и да има увид во сите податоци. Ова е едно од најголемите повреди на заштитата на личните податоци во Србија“,
вели Јелена Адамовиќ од „Шер“.
Тој пример, сепак, не е единствен. Забележани се повеќе случаи кога медиумите објавувале имиња на заболени и починати. Министерството за здравство, пак, на својата интернет-страница изнесува детални податоци за починатите.
Лични податоци на пациентите, односно информации од здравствените картони, објавија и самите членови на Кризниот штаб за време на прес-конференција емитувана во живо, вклучувајќи го и министерот за здравство.
„Следејќи ги ваквите случаи, откривме дека и самото Министерство за здравство на својата веб-страница објавило соопштение кое содржеше информации со иницијали, години на раѓање, болницата во која биле хоспитализирани, како и други болести од кои боледувале граѓаните пред да починат од компликации од ковид-19. Иако во вакви ситуации постои потреба јавноста да биде запознаена со деталите кои се релевантни за епидемијата, апсолутно е недопустливо тоа да биде направено кршејќи го правото на приватност на конкретни лица“,
вели Адамовиќ.
Болните се кријат од срам за да не ги откријат
Веројатно најтешката последица од нарушувањето на правото на приватност и на личните податоци е создавањето впечаток кај јавноста дека податоците не се заштитени. Според Адамовиќ од фондацијата „Шер“, тоа може да биде доволно за дел од граѓаните, наместо навреме да се јават на доктор, да се лечат дома во надеж дека ќе болеста ќе помине без никој да ги дознае.
„Ако ситуацијата ја анализираме од перспектива на заболените, има луѓе кои кријат дека се заболени бидејќи чувствуваат срам или вина, но има и такви што јавно зборуваат за тоа на социјалните мрежи. Затоа, секој граѓанин има право да одлучи дали деталите за својот приватен живот ќе ги сподели со јавноста, па исто така и податоците за својата здравствена состојба“,
вели Адамовиќ.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Скопје во неколку наврати посочија дека објавувањето лични и медицински податоци на пациенти без согласност се коси со Законот за заштита на личните податоци. Освен што е противзаконска, праксата според нив предизвикува и стигматизација, вознемирување и дискриминација.
Па, сепак, никој не одговарал за овие незаконски пракси ниту во Македонија ниту во Србија. А изворот на тие „информации“ секако не се самите болни, туку тие што ги имаат податоците. Кругот на „осомничени“ е многу широк, но е познат – кризните штабови, министерствата за здравство и за внатрешни работи, центрите за јавно здравје и лабораториите кои вршат тестирање за ковид-19.
Ивана Настеска, Јована Адамовиќ