Гевгелија е град со околу 16 илјади жители и невообичаен шмек. Веќе долго време си има своја неофицијална двојазичност.
Уште на влезот во градот ве пречекуваат различни знаци, билборди, реклами на македонски и грчки јазик.
„Јас сум еден од оние кои прилично го зборуваат грчкиот“.
„Кога одиш во продавница не ти одговатаат на македонски, туку на грчки“, велат жители на Гевгелија.
Гевгелија е на самата граница со Грција. Слушнавме дека за викендите ја посетуваат од 4 до 6 илјади Грци дневно.
„Најизразито е во четврток. Тогаш ако не се тие, половина од робата на пазарот ќе остане, да се разбереме“.
„Самите изјавуваат дека поевтино е за нив“, раскажуваат гевгеличани.
Некои Грци се почувствувале толку добредојдено што решиле да се преселат во Гевгелија, најмногу поради пониските трошоци за живот.
„Живеев многу години во Грција и сега четири години сум овде во Гевгелија. Ми се допаѓа многу“, рече новиот жител на Гевгелија.
Одењето на забар е една од главните причини поради која Грците секојдневно доаѓаат во Гевгелија. Еден порцелански заб овде ги чини околу 50 евра, а во Грција околу 150.
„Дојдов во Гевгелија, го запознав доктор Васил и дојдов да ги поправам забите. Овој пат дојдов конкретно за на забар. Друг пат и пазарувам“, изјави Коста Готсидис – пациент од Грција.
„Генерално 80% од пациентите што доаѓаат кај нас во ординацијата се Грци. Голем процент од луѓето во Гевгелија зборуваат грчки. На тој начин ќе си ја олесниш комуникацијата и едноставно ќе се разбереш со нив. Основна движечка економска сила во Гевгелија се грчките државјани. Дел од нив одат на стоматолог, пазаруваат, користат козметички услуги, одат по ресторани…“, вели стоматологот Васил Томов.
Бевме во еден од гевгелиските ресторани во кој Грците се најчести гости. Дома, велат, не си одат со празен стомак.
„Не знаат со години како доаѓаме за викендите од Солун и се досега се дружиме. Никогаш не сме имале проблеми. Кога ми треба нешто веднаш ми помагаат“, вели Антони Папанаум.
Дека гевгелиските угостители сакаат колку што е можно подобро да ги услужат своите грчки клиенти покажува и двојазичното мени кое може да се види речиси во секој ресторан во Гевгелија.
„Кај нас нормално менито е направено на грчки зошто 80% ни се Грци. Го знаеме грчкиот јазик и во ординации и во самопослуги, дали во бутици или во ресторани – мора да знаеш грчки. Пред месец дена од грчката страна штрајкуваа земјоделците. Блокада на границата. И Грците и нашите гости неможеа да дојдат, ниту, пак, нашите да одат во Грција. Да ви кажам право во Гевгелија беше страшно. Празно, пусто… Ние дававме принудно и слободни денови и одмор, а ако продолжеше уште месец дена или повеќе, да ви кажам право некој ќе требаше да стави и клуч на врата“, раскажува угостителот Ристо Петровски.
Грците ги сакаат нашите специјалитети. Бурекџилницата на Десанка Алчинова е исто така едно од нивните омилени места.
„Бурекот им се допаѓа, го немаат во таква форма како што го правиме ние и е нешто што го конзумираат редовно. Причината поради која доаѓаат да не посетат е токму бурекот“, вели Алчинова.
Алчинова има и голема извозно ориентиерана комапнија за преработка на овошје и зеленчук. Но, производите започнала да ги пласира и во гевгелиските маркети и увидела дека продажбата е солидна. Дури 80% од робата ја купуваат Грци. Вели дека бизнисмените од Гевгелија морале да научат грчки, зашто повеќето Грци што доаѓаат не знаат ниту македонски, ниту англиски.
„Наидуваме на коментари и на критики од страна на другите градови во Македонија, зошто се јавува двојазичност, зошто натписите се на македонски и грчки јазик? Меѓутоа, едно треба да ни биде јасно: Гевгелија е погранично место кое важи за едно од побогатите градови во земјава и еден од најскапите, најмногу за зелениот пазар, за маркетите и за бутиците, токму затоа што е голем бројот на грчки посетители во текот на неделата“, додава Алчинова.
Според податоците од Агенцијата за вработување Гевгелија е на првото место по вработеност во земјава. Работат дури 95 насто од луѓето. Ги прашавме дали им пречи оваа локална двојазичност.
„Не ми пречи ништо. Колку повеќе јазици, толку подобро. Ни грчки ми пречи, ни англиски, ни албански… Економијата да си заживее, народот да има за живеачка“.
„Ми пречи зашто не сме во Грција, во Македонија сме“.
„Мене воопшто не ми пречи тоа што има натписи и на грчки бидејќи тоа е од економска гледна точка“.
„Тие не ни викаат Скопје, не викаат Македонци. Проблемот е меѓу политичарите, тие си ги вадат очите“, рекоа гевгеличани.
Задоволството е взаено, но моќта е кај Грците зашто во случајов тие ги оставаат своите пари во Гевгелија. Затоа на гевгеличани им останува да учат грчки. Мнозинството нема проблем со тоа – најмалку идентитетски.
Напишете коментар