Портпаролот на Движењето ЗНАМ ги обвини општинските власти за штитење приватни интереси на сметка на јавниот простор и додаде дека станува збор за „соучесништво“

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија денеска го обвини актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, за молчење и соучесништво во, како што го нарекоа, „урбанистичкиот криминал“ што се случува на само 30 метри од неговиот кабинет.
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, на прес-конференција посочи дека пред очите на општината се одвива узурпација на јавен простор, уништување на дрвја и изградба на дивоградби, ставајќи го приватниот интерес над интересот на граѓаните.
Мемов го повика Герасимовски да ја објави целокупната документација поврзана со хотел „Маџо“, вклучувајќи ги актите за барање за градба и доградба на т.н. летна тераса (за која тврдат дека е ресторан), актите за пренамена во хотелско сместување, како и неговите лични потписи на одобренијата за доградба.
„Да излезе пред центарци и да покаже документи и аргументи за тоа како е дозволено да се догради аголот на објектот на парцела 22.1 и да се изврши целосна реконструкција на соседниот објект (парцела 22.10), додека притоа се уништува зеленило и се узурпираат јавни површини“,
рече Мемов.
Според портпаролот на ЗНАМ, ситуацијата на терен е „кристално јасна“:
„На парцела 22.1, каде што ДУП-от предвидува дворно место, денес има узурпација за угостителски намени со цврста градба. На парцела 22.10 се изведува целосна реконструкција, а надворешни скали се поставени директно на тротоар, кој е јавна површина. За време на овие работи, исечени се две дрва и оштетен е косник од бандера“,
додаде Мемов.
Мемов побара одговори од градоначалникот и општинската инспекција дали таа воопшто постапила по овој случај.
„Дали е извршен инспекциски надзор и кои се заклучоците? Дали е издаден налог за стопирање на градежните работи и за санкции или пак, градежната инспекција при Општина Центар свесно молчи и дозволува објектот да расте пред очите на јавноста?“,
се прашањата кои Мемов ги упати до Герасимовски.
Портпаролот на Движењето ЗНАМ ги обвини општинските власти за штитење на приватни интереси на сметка на јавниот простор и додаде дека станува збор за „соучесништво“.
„Дали ова е твоето ветување – јавен простор за приватни бизниси? Дали ова е твојата визија – Центар без зеленило, без воздух, без иднина? Ова е понижување за сите жители на Центар кои ти дадоа доверба, а години наназад добиваат бетон наместо парк, дивоградби наместо ред, корупција наместо правда“,
рече Мемов нагласувајќи дека граѓаните на 19 октомври ќе изберат човек кој навистина ќе работи во интерес на Центар.