Станков вели дека е завршена обдукцијата, се подготвува писмениот извештај и извештајот од ДНК-анализите и очекува најдоцна до понеделник Обвинителството да го има наодот

Насилна смрт е констатирана и кај втората жена за која обвинителството минатата недела нареди ексхумација и обдукција по убиството во Старо Нагоричане, вели директорот на Судска медицина проф. д-р Александар Станков. Тој вели дека се подготвува писмениот извештај кој најверојатно до понеделник ќе биде доставен до Обвинителството.
„Завршена е обдукцијата, се подготвува писмениот извештај и извештајот од ДНК-анализите, така што очекувам во најбрз можен рок, најдоцна до понеделник, Обвинителството да го има наодот. Она што единствено можам да кажам, бидејќи се работи за истрага, е дека се работи за насилна смрт и кај втората помлада жена“,
вели Станков во изјава за МИА.
Тој повтори дека примероци за ДНК-анализа се земени и од претходната жртва, повозрасната жена од село Челопек и оти кај двете жени станува збор за насилна смрт.
Од Јавното обвинителство велат дека во моментот тече истрагата за осомничениот за убиство од Општина Старо Нагоричане и посочуваат дека вештиот наод од обдукцијата не е доставен до Обвинителството.
Минатата недела обвинителството соопшти дека е наредена ексхумација и обдукција на телото на починатата жена поради, како што рекоа, „сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител“.
Основното јавно обвинителство Куманово, соопшти дека сите надлежни институции и органи преземаат огромен број дејства за обезбедување докази за целосно расчистување на овие настани. Осомничениот е обезбеден и во следните денови ќе следува негова психијатриска процена од тим на експерти.
„Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали“,
соопштија од ЈОРСМ.
Од полицијата информираа дека го привеле 25-годишниот Т. Б. од село Малотино, Општина Старо Нагоричане, кој е осомничен дека на 12 февруари влегол во домот на 78-годишната М.С. во село Драгоманце, физички ја нападнал и ја задушил со перница по што таа починала на местото.
„Откако бил пријавен настан на 9.2.2026 година за физички напад врз Р.Т. (86) во село Челопек, Т.Б. (25) бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. Поради тоа што истрагата сè уште е во тек, за подетални информации ќе бидете дополнителни известени“,
рекоа од СВР Куманово.
