Доколку актуелниот градоначалник беше добар, ќе победеше уште во првиот круг, вели кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Центар

Кандидатот на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, кој во првиот круг освои 5 707 гласа наспроти кандидатот на СДСМ, Горан Герасимовски, со 8 535 гласа, вели дека во вториот круг очекува поголема поддршка.
Тој е задоволен од исходот во првиот круг, со оглед на тоа што неговата промоција за кандидат се случи доцна.
„Тоа беше коалиционен договор. Не само јас, ние имавме тројца кандидати во рамките на ЗНАМ коишто беа ставени на некој вид анкетирање, сондажа, за да се избере најдобриот. И тој процес траеше. Ние првпат учествуваме на локални избори, ја немаме таа меморија што ја имаат другите политички партии за да можат брзо, лесно да влезат во процес на избори. И можам да кажам дека сум презадоволен од резултатите за мене, но можам и да кажам дека речиси две третини од излезените гласачи гласаа за промена на тоа што се случува денес во Центар“,
рече Лабудовиќ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Во првиот круг, тој има околу 2 100 гласа кусок од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за Советот.
„Тоа е генерална анализа дека имаше во цела Македонија многу независни листи и тие земаа околу 130 000 гласови, што е секако и некаков сигнал. Истото и во Центар. Имаше ’Шанса за Центар’, имаше и други листи каде што гласовите се дисперзираат. Вие не можете да натерате некого со сила да го даде својот глас. Ја гледа кампањата, ја следи, го гледа човекот и го дава гласот во дадениот момент. Затоа велам, во првиот круг за промени во општина Центар се изјаснија две третини од излезените“,
вели тој.

Со оглед на тоа што неговиот противкандидат Горан Герасимовски, повикувајќи се на испитување на јавното мислење, вели дека најголем дел од гласовите на независните и другите во вториот круг ќе одат на негово конто, Лабудовиќ вели дека доколку актуелниот градоначалник бил добар, ќе победел уште во првиот круг.
Лабудовиќ: Не е точно. Истражувањата од почеток ги добивавме ние и ги следевме. 60% од граѓаните во Центар велат дека Горан Герасимовски не заслужува втор мандат. Тоа се тие истражувања ние што ги имавме. Дополнително, кога се натпреварувате од позиција на нов, на кандидат којшто ја брка позицијата, ние бевме тројца. Јас, Билјана Ивановска и Марија Среброва, и четврт кандидат актуелен градоначалник. Доколку актуелниот градоначалник беше добар, ќе победеше уште во првиот круг, во мнозина од општините победија кандидати што се актуелни уште во првиот круг. Значи, таа е таа доверба на граѓаните коишто ја оправдуваат работата на актуелниот градоначалник. Во овој случај, пак ќе повторам, две третини кажаа – не, сакаме промени во Центар. Тројца кандидати се дисперзираа гласовите. Доколку граѓаните велеа „да“ за Горан Герасимовски, во тој случај тој или ќе беше на 50% или плус 50 и ќе го освоеше…
360°: Може ли истата логика да важи и за вас, како кандидат поддржан пред сè од ВМРО-ДПМНЕ, дека можеби очекувањата требаше да бидат дека вие ќе бидете тој што ќе победи со оглед на бранот на голема победа на ВМРО-ДПМНЕ?
Лабудовиќ: Билјана Ивановска е многу квалитетен кандидат. Таа има сериозно портфолио зад себе и логично е да има сериозен број гласови. Особено она каде што работи, во делот на корупцијата, а еден од проблемите за коишто може да зборуваме и сериозна индиции за сериозна корупција во Општината Центар. Дополнително, Марија Среброва доаѓа од Левица како актуелен советник и ги има познавањата на проблемите во општината и доаѓа како позната на јавноста. Затоа ќе кажам, јас сум презадоволен во првиот круг, бидејќи луѓето треба и да ве запознаат. Треба да оставите простор на запознавање. Јас тој простор го немав.
