Втората сообраќајна несреќа се случила кратко време по првата, додека на местото се вршел увид, при што со телесни повреди се здобиле и четворица полициски службеници од увидната екипа
Вчера на експресниот пат во близина на Крива Паланка се случиле две сообраќајни несреќи една по друга во кои едно лице загинало, а неколкумина се повредени, меѓу кои и четворица полициски службеници.
За сообраќајките денеска преку писмено соопштение информираа од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, од каде што наведуваат детали за тоа што се случило.
Според информациите, најпрвин автомобил „фолксваген голф“ излетал од патот и се превртил. Во несреќата животот го загубил еден од сопатниците во возилото, а неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди.
Но, додека на местото се вршел увид, на обележаната локација влетал друг автомобил, кој, според првичните сознанија на Обвинителството, најверојатно поради неприспособена брзина удрил во паркирано возило. Во случајот со телесни повреди се здобиле четворица полициски службеници кои го вршеле увидот, додека потешки повреди биле констатирани кај сопатничката во автомобилот.
Во врска со првата сообраќајна несреќа, од Јавното обвинителство велат дека се преземени сите дејствија за обезбедување на доказите и за утврдување на причините за несреќата. За починатото лице е издадена наредба за обдукција.
Од Обвинителството додаваат дека се преземаат дејствија за испитување на причините и за сообраќајката која се случила кратко време потоа на истото место.