Европската комисија (ЕК) неодамна презентираше соопштенија за две важни политики кои се од значење за земјите од Западен Балкан: Пакетот за проширување за 2020 година и новата Стратегиска рамка на ЕУ за еднаквост, вклучување и учество на Ромите, пишува Стефан Мулер, политиколог од Германија, во својот текст објавен од БиЕПАГ
Новата Стратегиска рамка на ЕУ за еднаквост, вклучување и учество на Ромите ги повикува земјите членки да го препознаат влијанието на антигипсизмот (расизам против Ромите) како главна причина за дискриминацијата и исклучувањето на Ромите, и да ја засилат борбата за негово елиминирање. ЕК предлага двонасочен пристап во борбата против антигипсизмот: самостоен пристап кон проблемот, од една страна, и вкрстен пристап во приоритетните сектори за образование, вработување, домување и здравство, од друга страна. ЕК, исто така, нагласува дека новата Рамка на ЕУ за Ромите ќе се однесува и на земјите кои се во процес на пристапување.
Комисијата признава дека „многумина од околу 10-12-те милиони Роми на континентот и понатаму се соочуваат со дискриминација, антигипсизам и социоекономска исклученост во секојдневниот живот“ и изјавува дека „борбата против дискриминацијата и антигипсизмот треба да биде главна цел и меѓусекторски приоритет во секоја област на политиката, надополнувајќи го пристапот за инклузија“.
Ова се важни случувања, но кога станува збор за состојбата во земјите од Западен Балкан, очигледно се потребни повеќе напори за да се постигне ова разбирање. Додека Ромите во Европската Унија се соочуваат со широко распространет антигипсизам и, како последица, дискриминација и социјална исклученост, извештаите на Европската комисија за напредок за земјите од Западен Балкан речиси и да не упатуваат на антигипсизмот или дискриминацијата врз Ромите и покрај тоа што во неколку наврати повикуваат на статусот на Ромите. Овие извештаи за напредок традиционално наликуваат на претходните, игнорирајќи го влијанието на антигипсизмот и дискриминацијата врз реалната состојба во која се наоѓаат Ромите.
Иако манифестациите на антигипсизам може да се разликуваат од земја до земја, тој постои во цела Европа, вклучително и во земјите од Западен Балкан. Говорот на омраза и злосторствата од омраза се нејзините највидливи манифестации. Другите изрази вклучуваат дискриминација на пазарот на трудот, во училиштата и во домувањето, како и севкупните негативни ставови кон Ромите како што покажуваат резултатите на Балканскиот барометар. Но дури и многу ограниченото спроведување на политиките за вклучување на Ромите во последните две децении може да се смета за манифестација на антигипсизам.
Земајќи го предвид фактот што состојбата на Ромите во Западен Балкан речиси и да не бележи никакво подобрување во последните 20 години, и покрај значителните финансиски инвестиции од Европската Унија, редно време е да се започне сериозен процес на анализа, препознавање на постоењето и влијанието на антигипсизмот и промовирање на борбата против него.
Понатамошно минимизирање на состојбата, а особено неуспехот на владите да спроведат политики, нема да ја донесе саканата промена. Тоа само ќе овозможи опстанок на антигипсизмот и на исклучувањето на мнозинството Роми. Само во извештаите за Албанија и Босна и Херцеговина се споменува постоењето на антигипсизмот, по еднаш во секој извештај.
Извештајот за Албанија наведува дека „антигипсизмот и говорот на омраза остануваат прашања кои треба систематски да се решаваат во Албанија во рамките на поширокото општество, телата за еднаквост и владините структури и системи“. Во извештајот за Босна и Херцеговина се вели дека „предрасудите и антигипсизмот и понатаму ја попречуваат социјалната интеграција на Ромите“.
Општо е прифатено дека дискриминацијата врз Ромите како резултат на антигипсизмот е широко распространета во цела Европа. Дискриминацијата врз Ромите во образовниот систем, на пазарот на трудот или во пристапот до здравствени услуги се препознава како главна пречка за вклучување на Ромите.
Со исклучок на извештајот за Србија, извештаите за напредокот го признаваат фактот дека дискриминацијата врз Ромите е општо присутна, но го негираат постоењето на дискриминација во вработувањето и образованието (Албанија, Црна Гора), во образованието (Босна и Херцеговина) или во вработувањето (Северна Македонија). Постоењето дискриминација често се признава индиректно, и ниту еден од извештаите не ги повикува владите да се борат против дискриминацијата врз Ромите.
Извештајот за Србија, во меѓувреме, ја повикува земјата да ги зајакне мерките „за заштита на правата на лицата кои се соочуваат со дискриминација“ и „активно да води истраги и да ги осудува злосторствата мотивирани од омраза.“ Извештајот, меѓутоа, не ги именува Ромите како припадници на „лицата кои се соочуваат со дискриминација“ ниту, пак, споменува дека тие се често цел на злосторства од омраза.
Од друга страна, Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, дел од Пакетот за проширување 2020, конкретно се однесува на Ромите и се повикува на новата Рамка на ЕУ за Ромите. Во соопштението се нагласува дека „интеграцијата на Ромите во општеството преку поддршка на нивна целосна вклученост во образованието и на пазарот на трудот е од особена важност и ќе биде клучен приоритет во процесот на интеграција во ЕУ“.
Во новата Рамка на ЕУ за Ромите, ЕК ја препознава високата стапка на НЕЕТ (не во вработување, образование или обука) помеѓу Ромите во ЕУ како проблем: таа ја постави целта за да го надмине јазот во стапката на НЕЕТ за најмалку половина. Во моментов, стапката на НЕЕТ помеѓу Ромите во ЕУ изнесува 62%, наспроти 10,1% помеѓу општата популација. Според истражувањето на УНДП, стапката на НЕЕТ помеѓу Ромите во Западен Балкан изнесува помеѓу 73% (Србија) и 86% (Босна и Херцеговина); стапката помеѓу Ромките достигнува дури 81% (Северна Македонија) и 93% (Црна Гора). Извештаите на Европската комисија, меѓутоа, речиси и да не обрнуваат внимание на овој проблем.
Мнозинството од Ромите се фатени во несигурно самовработување, без социјално осигурување и мали, нестабилни приходи. Пандемијата на ковид-19 ги покажа опасностите од таквата ситуација, бидејќи многу Роми остануваат без никаков приход и мора да се потпираат на парична помош или помош во натура од институциите, меѓународните донатори или граѓанските организации. Високите стапки на НЕЕТ укажуваат дека мнозинството од следната генерација Роми, исто така, ќе остане на овие несигурни работни места доколку политичарите не дејствуваат брзо.
Ограничениот број Роми со постојано вработување во јавниот или приватниот сектор не може да се припише на отсуството на квалификации, како што инсинуираат некои извештаи. Антигипсизмот и дискриминацијата, и одбивањето на властите да ги исполнат своите законски и политички обврски за вработување на Ромите во приватниот сектор и во јавните претпријатија, се подеднакво релевантни фактори. Неодамнешната објава на српските власти дека ќе го зголемат бројот на вработени Роми во јавниот сектор е прв чекор во правата насока.
Поради емиграцијата и демографскиот пад, веќе постои недостиг на работна сила во регионот, и ќе се зголемува во иднина. Затоа е крајно време да се засилат напорите за вклучување на Ромите во работната сила наместо да се ограничуваат на неодржливо, несигурно самовработување.
Упатувањето на Ромите во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан укажува на потребата од нова промена во севкупното креирање политики. Состојбата и положбата на Ромите мора да бидат земени предвид во сите релевантни полиња на политика, било тоа да е економски развој, миграција, социјални политики, демографски развој или борба против последиците од ковид-19. Сепак, само времето ќе покаже дали оваа објава ќе биде спроведена во пракса.
За Авторот:
Стефан Мулер е политиколог кој работи, помеѓу другото, како надворешен советник за Западен Балкан при Централни совет на германските Синти и Роми. Тој има долгогодишно искуство во Западен Балкан со работни ангажмани за влади и меѓународни организации.