Членот на британската владина советодавна група за закани за нови респираторни вируси професорот Роберт Дингвал вели дека му се познати околу 4 000 варијанти од почетокот на пандемијата, но повеќето се мали и не влијаат на нивото на зараза. За разлика од сега
Помалку од една недела откако Велика Британија соопшти дека е откриена мутација на ковид-19 што е за 70% позаразна, пронајдена е и втора.
Од каде потекнува втората варијанта на коронавирус и колку случаи досега се откриени?
„Откриени се два случаи во Велика Британија и двата биле контакти со лица кои дошле од Јужна Африка во изминатите неколку недели“,
соопшти британскиот министер за здравство Мет Ханкок на прес-конференција во Даунинг стрит.

Тој рече дека главните научни и медицински институции во Англија можат рано да ги детектираат, по онлајн средбата со нивните јужноафрикански колеги.
Според Мрежата за геномски надзор во Јужна Африка (NGS-SA), институт поддржан од тамошната Влада, кој е надлежен за пандемијата, откриени се околу 200 случаи на оваа варијанта на коронавирусот во Јужна Африка.
Колку е пренослив?
Министерот Ханкок рече дека е „многу загрижувачко“ што мутацијата е „повеќе пренослива“ од првичниот вид, како и тоа дека „се чини дека и натаму мутира“, иако степенот на мутација сè уште е непознат.
Главниот советник за јавно здравје на Англија, д-р Сузан Хопкинс истакна дека двете варијанти имаат различни мутации.
„Имаме повеќе информации за варијантата во Велика Британија затоа што тоа детално го проучувавме со академските партнери. Сè уште учиме за јужноафриканската варијанта”,
вели таа.
Дали вакцините ќе бидат ефикасни за јужноафриканската варијанта?
Д-р Хопкинс вели дека нема докази кои сугерираат дека вакцината на “Фајзер/Бионтек“ што се користи во Велика Британија нема да биде ефикасна за јужноафриканската мутанција.

„Постојат силни докази дека вакцината ќе биде ефикасна. Вакцината произведува силен имунолошки одговор – кој е широк и делува против многу варијации на вирусот”,
објасни таа.
Членот на владината советодавна група за закани за нови респираторни вируси (NERVTAG), професорот Роберт Дингвал, исто така верува дека вакцината ќе биде функционална.
Тој за Скај Њуз изјави дека научниците треба да бидат во можност да ги прилагодат формулите на вакцините за да бидат ефикасни и во однос на одредени варијанти, но дека тоа може да биде еден вид „трка со вооружување“ помеѓу вакцините и мутациите.
Нови мерки како одговор на мутациите
Првата мерка е секој што патувал од Јужна Африка во Велика Британија во изминатите две недели – и нивните блиски контакти – мора веднаш да бидат ставени во карантин.
„Beќе го менуваме законот за да го дадеме овој правен дел. Сега, овие мерки се привремени, додека го истражуваме понатаму овој нов вид“,
велат британските здрвствени власти.
Од 9 часот наутро во четврток, на сите кои пристигнуваат во Англија, кои биле во или транзитирале низ Јужна Африка во претходните 10 дена, нема да им биде дозволен влез.

Забранети се и директните летови од земјата.
Британски и ирски државјани, кои поседуваат визи или имаат дозволи за постојан престој, ќе можат да влезат во Англија, но ќе мора да одат 10 дена во самоизолација, заедно со целото семејство.
Покрај тоа, сите кои биле во контакт со секој кој бил во Јужна Африка во последните дваесетина дена, ќе мораат да одат во карантин.
„Велика Британија во моментов нема коридор за патување со Јужна Африка и затоа секој што неодамна се вратил од земјата треба да се самоизолира десет дена “,
соопшти Одделот за транспорт.
„Какви било исклучоци, вклучително и оние што се однесуваат на работни обврски – нема да важат и патниците кои пристигнуваат од Јужна Африка во Англија по 21 часот на 23 декември, не можат да бидат ослободени од самоизолација со негативен тест за ковид“,
се вели во новата мерка.
Дали британската Влада прави доволно за да го контролира ширењето на новата мутација?
Д-р Хопкинс вели дека е „прилично сигурна“ дека новите правила за карантин за патниците од Јужна Африка ќе „помогнат“ во контролата на неговото ширење.
„Јасно е дека ова треба постојано да се следи и имаме воспоставен геномски систем за да го сториме тоа и бараме постојано да го подобруваме откривањето на случаите меѓу патниците“,
рече таа.
На сила остануваат и досегашните мерки за носење маска, физичко растојание и вентилација во просториите, како начин за борба против какви било мутации.

Здравствените експрти посочуваат дека иако новата мутација на вирусот е повеќе пренослива, доказите со кои располагаат покажуваат дека болеста што ја предизвикуваат не се разликува од претходната, и затоа сите основни мерки што се на сила остануваат и против сите различни варијанти.
Што се знае за генетската структура?
Има повеќекратни промени во делот на вирусот кој се врзува за клеточните рецептори, кои се насочени кон антителата кои се формираат по инфекцијата за да ги заштитат луѓето од идните инфекции.
Истражувачите испитуваат дали мутациите можат да предизвикаат затајување на антителата, со што некој повторно би се инфицирал со ковид-19.
Дали научниците ги очекуваа овие нови варијанти?
Експертите накусо одговораат со – да.

Професорот Дингвал вели дека „тоа е она што го прават вирусите“ и дека му се познати околу 4 000 варијанти од почетокот на пандемијата, но според него, повеќето се мали и не влијаат на нивото на зараза. За разлика од сега.
„Овој пат, се чини дека има нешто што повеќе загрижува. И двете варијанти (од Јужна Африка и онаа од Велика Британија) се чини дека се пренесуваат многу полесно… што предизвикува многу поголем притисок врз здравствената служба“,
вели тој.