Несреќата се случила вчера околу 18 часот на локален пат кај селото Колибари во близина на Кичево
15-годишна малолетничка од селото Колибари во близина на Кичево, во текот на вчерашниот ден, управувајќи четирицикл со кичевски регистарски таблички изгубила контрола над возилото и излетала од коловозот. Од здобиените повреди таа починала на самото место на несреќата, а починала и нејзината малолетна сопатничка од селото Грешница во Кичевско. Дежурен лекар само констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телата се дадени на обдукција, додека, пак, на местото на настанот бил извршен увид од екипа на ОВР Кичево.
Ова е втора сообраќајна несреќа во едно деноноќие во кое се инволвирани малолетни лица, откако претходно беше објавено дека во текот на вчерашниот ден во скопската населба Капиштец, или поточно на улицата „Васил Ѓорѓов“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа во која учествувале автомобил и електричен тротинет. Во несреќата се повредени 13-годишно девојче што управувало со тротинетот и нејзината 12-годишна сопатничка. Возачот на автомобилот го напуштил местото на несреќата.