Засега нема осомничени и уапсени лица за пукањето, а од полицијата повеќе информации за настанот најавуваат во текот на денешниот ден
Две лица се убиени, а девет други, меѓу кои тројца тинејџери, се повредени во пукање што вчера вечер се случило во паркот „Фермаунт“ во американскиот град Филаделфија за време на прослава на Денот на сеќавањето (Memorial Day), соопшти локалната полиција.

Сите девет повредени во инцидентот, како што пренесе Ројтерс, повикувајќи се брифингот на полицијата, се во стабилна состојба.
Двете жртви, возрасни маж и жена, според информациите, починале на самото место.
Според полицијата голем број луѓе вчера била собрани во паркот „Фермаунт“ по повод празникот кој традиционално се одбележува во Соединетите Американски Држави (САД).
Засега нема осомничени за пукањето, а не е пронајдено ниту оружје на местото.
Веднаш по пукањето на местото пристигнале голем број полициски екипи.
„Во моментов немаме пронајдено никакво оружје и не се извршени апсења. Ова е сериозно. Денес е Ден на сеќавањето… го разбираме значењето на овој настан и ќе се погрижиме да дадеме повеќе информации во вторник“,
изјавиле од полицијата во Филаделфија, пренесува Ројтерс.
Денот на сеќавањето, кој традиционално се одбележува последниот понеделник од мај, е федерален празник во Соединетите Држави посветен на оддавање почит на војниците кои загинале при извршувањето на на своите должности.