Обуката, како што велат од полицијата, била спроведена помеѓу 16 јули и 12 септември за помеѓу 150 и 170 државјани на Молдавија и Романија

Две лица се уапсени од Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија под сомнение дека сториле кривично дело организирање учество во војна или вооружен конфликт во странска земја.
„Уапсените Л.П. (1988) и С.С. (1978) се обвинети дека организирале борбено-тактичка обука за државјани на Молдавија и Романија, која, како што се сомнева, имала за цел да ги обучи да пружат поефикасен физички отпор на молдавските полицајци во случај на немири за време на денот на изборите во таа земја, закажани за 28 септември оваа година“,
се вели во соопштението од српското МВР.
Според полицијата, сомнежите се дека Л.П. ја организирал и финансирал обуката што се спроведувала во ресторан во близина на Лозница, додека С.С. е обвинет дека му помогнал во тоа.
Обуката, како што велат од полицијата, била спроведена помеѓу 16 јули и 12 септември за помеѓу 150 и 170 државјани на Молдавија и Романија.
„За време на претресот на станот на осомничениот, полицијата запленила лаптопи, мобилни телефони, како и уред за откривање и следење на радиофреквенциски сигнали, додека од осомничениот С.С. е одземен и пиштол, поради што е обвинет и за кривично дело нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материи. По започнувањето на истрагата за овој случај, Министерството за правда на Република Србија ќе побара информации и докази од Република Молдавија преку меѓународна правна помош со цел понатамошно спроведување на постапката“,
додаваат од полицијата.
На осомничените им е определен притвор од 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат приведени во Вишото јавно обвинителство во Шабац.