Од АХВ велат дека резултатите од анализите кои треба да го утврдат причинителот за пцовисувањето на второто животно сè уште не се готови

Две лами пцовисале во скопската Зоолошка градина изминатите денови. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека во петокот, на барање на Зоолошката, бил спроведен вонреден инспекциски надзор по добиена пријава за пцовисување на една лама и уште една заболена лама. Резултатите од лабораториското тестирање од првата пцовисана лама покажале дека таа била болна од туберкулоза.
„Земени се мостри за лабораториско тестирање од угинатата лама за која е потврдено со лабораториско тестирање дека била болна од туберкулоза. Мостри се земени од заболеното животно лама кое подоцна угинало. Резултатите од анализите кои треба да го утврдат причинителот за угинување и на второто животно се уште не се готови. На одгледувалиштето за лами во Зоолошката градина Скопје, од страна на официјален ветеринар наредени се биосигурносни мерки со цел спречување на ширење на болеста и тестирање на останатите лами во одгледувалиштето“,
се вели во одговорот од АХВ за МИА.
За пцовисните лами, денеска со објава на Фејсбук реагираше и советникот од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Стефан Кирков.
„Во куќата на стравот т.е Скопје ЗОО погинаа две лами од редок вид, за ова од институцијата молчат како и секогаш и навистина сум згрозен од целото ова кое се случува три години во нашата Зоолошка градина. Според неофицијалните информации кои ги поседувам, ламите починале викендов, а првичните резултати неофицијално е дека истите починале од туберкулоза“,
пишува Кирков и додава дека подолго време во ЗОО Скопје нема стручен ветеринар.
Во февруари годинава во скопската Зоолошка градина пцовисале берберски овци кои немале видливи знаци на повреди и претходно не покажувале знаци на болест.
Од Зоолошката градина велат дека се сомневаат оти станува збор за труење од гранки од растението тиса (Taxus Baccata) кое може да биде отровно за животните.
Во последните две години во Зоолошката пцовисаа два пингвина, три пржевалски коњи, слоницата Дуња, жирафата Каспер.
Од Зоолошката градина по пцовисувањето на берберските овци информираа дека во 2023 година во скопската ЗОО се родиле 40, а пцовисале 10 животни. Во 2024 година се родиле 33 животни, а пцовисале 15. Вкупниот број на родени животни за овие две години е 73, додека, пак, на пцовисани е 25.