Според сведоштва на жителите на Газа, израелските тенкови навлегле подлабоко во областа Шеик Радван и улицата „Џала“ во северниот дел на градот, каде што се наоѓаат две болници, а во Тел ал Хави на југоисток, тенковите напредуваат кон западниот дел од градот
Министерството за здравство на Појасот Газа објави дека две болници во градот Газа престанале со работа поради ескалацијата на израелската копнена офанзива и штетите предизвикани од континуираното израелско бомбардирање, додека тенковите навлегуваат подлабоко во територијата.

Министерството во соопштението наведува дека детската болница „Ал Рантиси“ била сериозно оштетена во израелското гранатирање пред неколку дена. Во исто време, во соопштението се известува и за израелски напади врз блиската очна болница, што исто така довело до прекин на здравствените услуги таму.
„Окупацијата намерно и систематски го напаѓа здравствениот систем во Газа како дел од својата геноцидна политика против Појасот. Ниеден од објектите или болниците нема безбедни пристапни патишта преку кои пациентите и ранетите би можеле да стигнат до нив“,
се вели во соопштението на министерството.
Израел сè уште не го коментирал извештајот.
Во војната што трае речиси две години, Израел го опишува градот Газа како последно засолниште на Хамас. Израелската армија уништува станбени блокови за кои вели дека милитантната група ги користи откако Израел ја започна својата копнена офанзива врз градот овој месец.
Според сведоштва на жителите на Газа, израелските тенкови навлегле подлабоко во областа Шеик Радван и улицата „Џала“ во северниот дел на градот, каде што се наоѓаат две болници, а во Тел ал Хави на југоисток, тенковите напредуваат кон западниот дел од градот.
Тие велат дека израелските сили користеле возила полни со експлозив детонирани со далечински управувач за да разнесат десетици куќи во двете области.
На денешниот состанок во воениот штаб во Тел Авив со министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот на армијата Ејал Замир, премиерот Бенјамин Нетанјаху ја потврди својата решеност да го елиминира Хамас, да обезбеди ослободување на преостанатите заложници и да се осигури дека Газа повеќе не претставува закана за Израел, соопшти неговата канцеларија.
Офанзивата ги вознемири семејствата на израелските заложници што сè уште ги држи Хамас во Газа. Се верува дека дваесет од 48-те киднапирани сè уште се живи. Во меѓувреме, локалните здравствени власти соопштија дека денеска најмалку 25 лица биле убиени во израелски оган низ енклавата, претежно во градот Газа.
Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, според израелските бројки, загинале 1 200 луѓе, а 251 биле киднапирани. Според здравствените власти во Газа, израелската воена кампања убила над 65 000 Палестинци, претежно цивили, додека гладот се проширил, огромен број згради се уништени, а поголемиот дел од населението на енклавата е раселено, честопати повеќекратно.