Анкета на „Стратум“ пoкажува разлика од помалку од три процентни поени во полза на владејачката партија, наспроти анкета на „АКСИОС“, според која, опозицијата води со над пет процентни поени
Утре на полноќ стапува на сила „забраната“ за објавување анкети за јавното мислење – пет дена пред рокот одпределен за гласање
Благо водство на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво на една седмица пред локалните избори или поубедлива предност на главната опозициска партија пред владејачката коалиција во повеќе општини во државата.
Две испитување на јавното мислење што викендов ги пласираа две агенции внесуваат забуна, со оглед на различните прогнози што произлегуваат од пласираните резултати.
Анкета на агенцијата „Стратум Р&Д“, што ја пренесоа дел од медиумите, навестува неизвесна изборна битка, затоа што СДСМ е во благо водство пред ВМРО-ДПМНЕ, на централно ново, со 26,1 наспроти 23,8 отсто, додека за „третото место“ се води „мртва трка“ меѓу ДУИ со 11,64 проценти рејтинг, Алијансата за Албанците со 11,49 отсто и независните листи, кои имаат поддршка од 11,2 проценти. Левица е со 6,7 отсто поддршка, а за Беса се изјасниле 2,87 отсто од анкетираните.
Слична е и ситуацијата во одговорите за кои советнички листи би гласале. Во овој дел СДСМ има поддршка од 20,1 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ од 18,3 отсто, додека битката за „третото место“, исто така, е изедначена.
Резултатите од истражувањето на „Стратум“ покажуваат благо зголемување на оптимизмот кај граѓаните во споредба со јули 2020 година, кога оптимизмот беше на најниско ниво. На прашањето „какви се финансиските очекувања во вашето домаќинство во следните 12 месеци“, речиси кај една четвртина од населението очекувањата се подобрени, а кај половина се останати на исто ниво.
Истражувањето, како што е соопштено, се спроведува со директни интервјуа во домаќинствата на испитаницата односно три етапен стратификуван случаен примерок со големина од 1200 домаќинства. Грешката на примерок изнесува +/- 3,4%.
Во последното истражување на институтот „АКСИОС“ (кој е релативно непознат за пошироката јавност), како што се наведува, видливо е зголемување на рејтингот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од еден процент наспроти СДСМ и нивната коалиција. Исто така, на анкетата на територија на Град Скопје зголемена е предноста за 0,9 проценти на независната кандидатка, Данела Арсовска (поддржана од ВМРО-ДПМНЕ), пред Петре Шилегов од СДСМ и коалицијата.
Според соопштението од „АКСИОС“, чија веб-страница не може да се пронајде на интернет, анализата на јавното мислење пред изборите е спроведена на нарачка на Институтот за социолошки истражувања – иницијатива „ЛОГОС“. Истражувањето на рејтингот на политичките партии, поврзано со локалните избори, е спроведено на примерок од 1 345 испитаници на територија на цела Северна Македонија.
Според Изборниот законик и Роковникот на ДИК за претстојните избори, утре на полноќ стапува на сила „забраната“ за објавување анкети за јавното мислење – пет дена пред рокот одпределен за гласање (17 октомври).
Во почетокот на овој месец „Стратум“, исто така, објави анкета на јавното мислење, која и тогаш покажа блага предност на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ тогаш коментираа дека „ништо не ги спасува ВМРО-ДПМНе од пораз“. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека агенцијата ги мести резултатите, затоа што добивала пари од Фондот за иновации. Таа анкета на „Стратум“ беше нарачана од агенцијата „Макфакс“.
ВМРО-ДПМНЕ денеска, исто така, побара премиерот Зоран Заев да каже дали со државни пари нарачувал анкети на јавното мислење, алудирајќи на вчерашната оставка на австрискиот канцелар Себастијан Курц.