Бугарскиот претседател му кажал на австрискиот колега дека продуктивниот билатерален дијалог меѓу Софија и Скопје е незаменлива алатка за надминување на контроверзните прашања во билатералните односи
Старо-новиот претседател на Бугарија , Румен Радев, во текот на денешното попладне, остварил два телефонски разговори на кои тема била евроинтеграцијата на нашата земја, што официјална Софија ја блокира.
Во период од околу еден и пол час, ако се суди според времето кога се објавени соопштенијата на претседателскиот кабинет во Софија, Радев прво разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, а потоа и со австрискиот претседател Александар Ван дер Белен.
Во фокусот на разговорите со Белен, како што соопштија од кабинетот на Радев, биле евроинтеграциите на Република Северна Македонија, а биле разменети и мислења за справување со коронавирусот во Бугарија и во Австрија.
„Румен Радев го истакна ставот на нашата земја дека продуктивниот билатерален дијалог меѓу Софија и Скопје е незаменлива алатка за надминување на контроверзните прашања во билатералните односи и Бугарија од него очекува конкретни резултати за да се придвижи процесот на европска интеграција на нашиот југозападен сосед. Претседателот на Австрија му честиташе на Румен Радев по повод неговиот реизбор за шеф на државата. Тој изрази сочувство за тешките инциденти во домот за стари лица во село Ројак и на автопатот Струма“,
се наведува во соопштението од кабинетот на Радев.
Оттаму претходно соопштија дека бугарскиот претседател денеска имал телефонски разговор со Заев, по иницијатива на македонскиот премиер. По разговорот, од кабинетот на Радев соопштија дека соговорниците заклучиле дека дијалогот на високо ниво е клучен за градење доверба и надминување на спорните прашања во односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија.
Кон средината на ноември, во посета на Скопје допатува австрискиот сојузен министер за европски и меѓународни работи, Михаел Линхарт, кој изнесе заложби за итен старт на преговорите на С Македонија со ЕУ.
„Сакаме да им дадеме европска перспектива на земјите од Западен Балкан. За таа цел треба да им дадеме преговори уште сега, во декември, на Македонија и на Албанија. Граѓаните на овие земји треба да ги поврземе со ЕУ со повеќе мерки,“
рече Линхарт, на прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Истиот ден во дводневна посета на Скопје допатува и полскиот претседател Анджеј Дуда, кој по средбата со македонскиот претседател, Стево Пендаровски, изјави дека, доколку Бугарија и понатаму реагира неконструктивно, односно каже ’не‘ за влезот на Северна Македонија во ЕУ, тој лично ќе се заложи за изготвување документ кој ќе и послужи на РСМ полесно да се справи со ова прашање.
Инаку, македонската Влада, на денешната седница донесе одлука за продолжување на манадатот на универзитетскиот професор и поранешен премиер, Владо Бучковски, како „олеснувач“ на дијалогот меѓу Скопје и Софија.
Новото именување на Бучковски на истата позиција доаѓа во период по реизборот на Радев за претседател на Бугарија и во очекување да се формира новата влада во Софија, по ноемвриските избори, како и пред Европскиот самит кон средината на декември, кога ќе се знае дали земјава ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ оваа 2021 година или процесот ќе биде одложен за јануари 2022 година.