Белата куќа издвои група од 12 лица, именувајќи ги како “Дванаесеттемина дезинформатори за ковид-19“, за кои очекува технолошките гиганти од Силиконската долина да преземат мерки и да го ограничат нивното влијание

Според портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, овие 12 луѓе се одговорни за 65 отсто од дезинформациите за ковид-19 што се пласираат на социјалните медиуми. Податоците за кои зборуваше Псаки се обезбедени од Центарот за справување со дигитална омраза (ЦЦДХ), кој во својот извештај објавен во март идентификувал 12 лица, означени како „супер ширачи“ на дезинформации за ковид-19 и за значењето на вакцините против овој вирус.
ЦЦДХ ги повика и Фејсбук и Твитер да ги затворат сите страници што ги менаџираат овие дванаесетмина. Интересно е дека меѓу нив е и Роберт Кенеди Помладиот, внук на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, личност влијателна во антиваксерските кругови која има повеќе од 300 000 следачи на социјалните мрежи. Потомокот на една од најпознатите фамилии и политички династии во САД е набркан од Инстаграм, но не и од Фејсбук – компанија која е сопственик на Инстаграм.

„Ние по автоматизам не ги исклучуваме налозите на сите наши апликации зашто тие налози може да пласираат различни пораки на нашите сервиси“,
објаснуваат од Фејсбук зошто Кенеди Помладиот е исклучен од Инстаграм, но не и од Фејсбук.
Според ЦЦДХ, 35 налози на социјалните мрежи поврзани со луѓе идентификувани како сериозни дезинформатори се веќе затворени, со што овие лица загубиле речиси 6 милиони следачи – потенцијални жртви на нивните дезинформации.