Тужбата го оспорува тврдењето на Трамп дека тој може произволно да воведува царини врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби. Тужителите тврдат дека, според Уставот на САД, само Конгресот има моќ да наметнува даноци и царини, а не претседателот, освен во случаи на невообичаена закана од странство
Дванаесет американски држави поднесоа тужба до Судот за меѓународна трговија во Њујорк против царинската политика на претседателот Доналд Трамп, тврдејќи дека таа е незаконска и носи хаос во економијата.

Државите наведени како тужители се Орегон, Колорадо, Конектикат, Делавер, Илиноис, Мејн, Минесота, Њу Мексико, Њујорк и Вермонт, кои имаат демократски гувернери, како и републиканските држави Аризона и Невада.
Во тужбата поднесена до Судот за меѓународна трговија се вели дека трговската политика на САД сега зависи од каприците на претседателот, а не на правилното практикување на законските овластувања.
Тужбата го оспорува тврдењето на Трамп дека тој може произволно да воведува царини врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби. Тужителите тврдат дека, според Уставот на САД, само Конгресот има моќ да наметнува даноци и царини, а не претседателот, освен во случаи на невообичаена закана од странство. Од Судот се бара да ги прогласи царините за незаконски и да го спречи нивното спроведување.
„Со тврдењето дека има овластување да воведе огромни и постојано променливи царини за која било стока што влегува во САД што тој ќе ја избере, од која било причина што смета дека е погодна за да прогласи вонредна состојба, претседателот го поништи уставниот поредок и донесе хаос во американската економија“,
се наведува во тужбата.
На почетокот на април, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД воведуваат царини од најмалку 10 отсто на целиот увоз во земјата со дополнителни давачки за голем број трговски партнери. Многу од планираните царини се суспендирани на 90 дена за да се овозможат трговски преговори, додека царините до 145 отсто за кинеските стоки остануваат во сила.