Во протоколот регулирано е и пристигнувањето на пратеник. Тој мора да чека во возило, додека не му јават дека сите пратеници влегле во салата, а ако има повеќе пратеници во изолација, нивното влегување се одвива со временска дистанца од пет минути
Учеството на пратениците во скафандери на собраниската седница од посебна кабина е според протокол донесен уште од јули 2020 г., а дополнет во ноември – одговори претседателот на парламентот, Талат Џафери, на обвинувањата на опозицијата дека го прекршува Уставот и Деловникот, како и Кривичниот законик. Во документот кој го споменува Џафери се уредува под кои услови пратениците кои се во домашна изолација, а немаат симптоми, може да присуствуваат на собраниска седница и да го остварат правото на глас.
Џафери образложи дека протоколот е донесен пред одржувањето на конститутивната седница по ланските избори, а во ноември тој самиот поднел барање за негово дополнување, за што на 18 ноември добил позитивен одговор од Комисијата за заразни болести.
„Имајќи предвид дека оваа сала овозможува посебни простории во кои изолирано само и само тие пратеници може да влезат и излезат во Собранието, без да имаат каков било контакт со било кој внатре, е процедурата која што ја обезбедува и е моја обврска“,
рече Џафери како одговор на пратеникот Димитар Апасиев од Левица, кој претходно најави и кривични пријави.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, го обвини Џафери дека не ги почитува мерките за заштита од ковид-19 и дека овој документ не е над Уставот и Деловникот.
„Комисијата за заразни болести со ова ја поливате со фекалии, како ќе ги убедиме граѓаните дека има пандемија и како да ги заштитиме кога вие сте првите тука кои не ги почитувате мерките“
порача Никола Мицевски.
Во протоколот регулирано е и пристигнувањето на пратениците. Тој мора да чека во возило, додека не му јават дека сите пратеници влегле во салата, а ако има повеќе пратеници во изолација, нивното влегување се одвива со временска дистанца од пет минути.
Денеска пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, на кои им е одредена домашна самоизолација, учествуваа во работата на парламентот и гласаа по точките од 32. и 36. седница. Тие беа облечени во заштитни скафандери, носеа заштитни ракавици и маски и беа сместени во специјалните кабини над салата во која вообичаено се одвива седницата.
Во август минатата година пратеникот од ДУИ, Арбен Зибери, од посебна кабина гласаше за избор на Владата додека чекаше резултати од тестирањето на ковид-19, поради симптоми на болеста, но не беше во скафандер.