Од ИЈЗ повторуваат дека засега ризикот од ширење на болеста во земјава останува низок
Двајцата пациенти што се заразени со мајмунски сипаници се во стабилна состојба, информираа денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оттаму додаваат дека епидемиолозите од Институтот се во редовна комуникација со двете позитивни лица на мајмунски сипаници, како и со лицата со кои тие биле во контакт.

„Нема нови суспектни случаи на мајмунски сипаници испратени на тестирање и нема нови позитивни случаи. Никој од посочените контакти не пријавува симптоми на мајмунски сипаници“,
велат од ИЈЗ.
Од Институтот повторуваат дека засега ризикот од ширење на болеста во земјава останува низок. Дополнително, оттаму информираат дека на веб-страницата на ИЈЗ се објавени препораки до граѓаните, отворени се и две нови телефонски линии за консултација на граѓаните со здравствените работници.
„Воедно ИЈЗ изработи водич за здравствени работници со препораки и патеки на движење за суспектни случаи на мајмунски сипаници кој беше доставен до Министерството за здравство и од таму проследен до надлежните здравствени институции. Во текот на следните денови ќе биде организирана и онлајн обука за здравствени работници за следење на протоколите“,
додаваат од Институтот за јавно здравје.
Минатата недела беа потврдени првите два случаи на мајмунски сипаници во земјава. Се работи за мажи на возраст од 44 и 40 години. Случаите не се заемно поврзани.