Двајца здравствени работници од инфективното одделение и од одделението за физикална медицина од штипската Клиничка болница се позитивни на ковид-19, информираше на денешната прес-конференција директорот Ален Георгијев.
„Во однос на самоизолацијата по препораката на епидемиолозите, која ја прават епидемиолошката анкета и проценуваат кој треба да оди во изолација, имаме досега шест здравствени работници, две докторки, три медицински сестри и еден лаборант“,
изјави Георгијев.
На прашањето дали медицинските лица се инфицирале на работното место, Георгијев вели дека тоа е работа на епидемиолозите кои треба да кажат и не може во моментов да се тврди како се пренел вирусот.
„Без разлика што еден од вработените ни е од инфективното одделение, не можеме да тврдиме дека заразата ни е од таму. Значи, може и надвор од работно место и од таму, важно е што тие се позитивни, тргнати се на страна, треба да се борат со болеста. Сите оние коишто ќе проценат епидемиолозите треба да бидат отстранети од работните места“,
вели Георгијев.
