Тошковски е задоволен од, според него, малиот број казни и очекува дека тие ќе останат исти за целиот 24-часовен период

Околу 500 прекршоци се регистрирани од системот „Безбеден град“ на вториот ден од официјалниот почеток на функционирањето. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека бројот на казни во понеделник како работен ден бил ист како и во неделата.
„Денес, до 20 часот, можам да кажам дека фактичката состојба е иста Имаме 508 прекршоци на ниво на Скопје, Куманово, Тетово и коридорите 8 и 10. Од тие 454 се за брзо возење, 42 се за црвено светло, 12 се нерегистрирани“,
рече министерот во синоќешно телевизиско гостување.
Тошковски е задоволен од, според него, малиот број казни и очекува дека тие ќе останат исти за целиот 24-часовен период.
Според статистиката на МВР, за последните четири години, најголемиот дел од прекршителите, односно 55 405 граѓани, имаат по една изречена забрана.
Тошковски вели дека тоа се оние граѓани на кои секогаш може да им се случи да сторат прекршок.
Со два прекршока Тошковски вели дека се 7 987 возачи, додека по три правосилни пресуди за забрана за управување возило имаат 1 863 возачи.
„Имаме 677 лица со четири забрани, 291 со пет забрани, а имаме и рекордери – двајца возачи кои имаат по дури 40 изречени забрани за управување моторно возило“,
рече Тошковски.
Тој додава дека сега со овој паметен систем возачите нема да може да возат како досега.
Ефектите од зголемената контрола Тошковски вели дека веќе се видливи во статистиката.
На територијата на СВР Скопје, во последните два месеци е забележан значителен пад на сообраќајните незгоди со тешки последици.
„Ако претходно на територија на СВР Скопје сме имале 424 повредени лица, за овие два месеца имаме 288. За 32 проценти имаме намалување на повредени лица во Скопје. Во однос на загинати, ако претходно имало 11, за овие два месеци се четири лица, што е 64 отсто помалку“,
вели Тошковски.
Инаку, од 1 февруари почна да функционира системот „Безбеден град“ на териториите на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10.
Тоа значи дека ќе бидат санкционирани граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на „Безбеден град“.
Ќе се детектираат четири типични сообраќајни прекршоци како непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола.
