Според информации од болницата, нивната здравствена состојба е стабилна
Две момчиња што денеска на пладне скокнаа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот по повод одбележувањето на празникот Водици во Скопје, потоа завршија во болницата „8 Септември“ поради премрзнување, објави ТВ Сител.

Едното момче е на возраст од 20 години, а другото има 26 години.
Според информациите на телевизија, нивната здравствена состојба е стабилна.
Поради надојдените, но и студеени води на Вардар, денеска беше отежнато пливањето на оние што учествуваа во фаќањето на крстот, како и нивното излегување на кејот.
Неколкумина од нив, мораа да се држат за сигурносните јажиња, поставени во реката и да ги чекаат спасувачките екипи да им помогнат при излегувањето од водата.
Екипите на Црвениот крст им помагаа на пливачите да излезат од реката.
За традиционалното фрлање на светиот крст во Вардар во Скопје годинава се пријавија 160 учесници, од кои околу 140 влегоа во реката.
