Заменик-кооординаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема точна информација кога истекува решението за изолација на двајцата пратеници, но најавува дека ако има потреба веројатно ќе ја искористат можноста во скафандери да дојдат во Собранието за да гласаат за недоверба на Владата
Двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓаат во изолација пред седницата за гласање за недоверба на владата која претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа за в четврток во 11 часот.
Покрај пратеничката од Гевгелија, Ангелинка Петкова, за која веќе објавивме, во изолација е и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, потврди за „360 степени“ неговата заменичка, Дафина Стојаноска.
Таа нема точна информација кога Петкова ќе излезе од изолација, но за Мицевски вели дека неговото решение е со подоцнежен датум од тоа на Петкова и веројатно нема да заврши до четврток, па можно е ако има потреба пратеникот со скафандер да се појави во Собранието за да гласа.
Претходно, Стојаноска во изјава за „360 степени“, потсети дека пратениците од досегашното мнозинство веќе го направиле тој преседан повикувајќи се на протоколи од Комисијата за заразни болести, па ако е неопходно и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи таа можност.