Претходно, чешкиот амбасадор во земјава, Јарослав Лудва, на социјалната мрежа Икс објави дека вчера пречекал медицински тим од Чешка да им помогне на македонските лекари во лекување на повредените во пожарот во Кочани

Двајца пациенти повредени во пожарот во Кочани попладнево се пренесени на лекување во Полска, информираа од Делегацијата на ЕУ во земјава.
„Амбасадата на Полска овозможи транспорт со воздушна амбуланта на двајца повредени во трагичниот пожар во Кочани. Пациентите ќе ја добијат потребната нега во Источниот центар за третман за лекување на изгореници и реконструктивна хирургија“,
се наведува во објавата на фејсбук-страницата на Делегацијата.
Претходно, чешкиот амбасадор во земјава, Јарослав Лудва, на социјалната мрежа Икс објави дека вчера пречекал медицински тим од Чешка да им помогне на македонските лекари во лекување на повредените во пожарот во Кочани.
„Задоволство ми е да му посакам добредојде на чешкиот медицински тим за поддршка на погодените од трагичниот пожар во Кочани. Нивната брза реакција и експертиза ја одразуваат силната врска меѓу нашите народи. Нашите мисли остануваат со сите засегнати. Ние стоиме во солидарност во ова тешко време“,
напиша Лудва на Икс.
I am pleased to welcome the Czech medical team to support those affected by the tragic fire in Kochani. Their swift response and expertise reflect the strong bond between our nations. Our thoughts remain with all those impacted. We stand in solidarity during this difficult time. pic.twitter.com/wtchZTFTAo
— Ambassador Jaroslav Ludva (@CzAmbassadorMKD) March 17, 2025
Претходно, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека над 70 пациенти се успешно транспортирани надвор од земјава.
Како што појасни тој, со оглед дека се исполнети капацитетите во соседството, од денеска пациенти ќе се испраќаат и во Италија, Холандија и Белгија.
Лекарски тимови од Чешка и од Израел им помагаат на нашите лекари, додека тим од Велика Британија денеска ќе пристигне во земјава за да помогне во подготвување на следната фаза – рехабилитација на повредените.
Денеска од Владата соопштија дека Министерството за финансии добило задолжение од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да префрли 30 милиони денари, наменети за помош при транспорт и сместување на најблиските на тешко повредените лица во пожарот во Кочани, а кои се упатени на лекување во странство.