Од Обвинителството појаснуваат дека станува збор за двајца полициски службеници од Одделението за внатрешни работи во Кичево, кои на 10 октомври, заедно со уште две други лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и со закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе истражна постапка против две лица кои се осомничени дека биле соизвршители во извршување кривично дело разбојништво.
Од Обвинителството појаснуваат дека станува збор за двајца полициски службеници од Одделението за внатрешни работи во Кичево, кои на 10 октомври, заедно со уште две други лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и со закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата полицајци се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои од Обвинителството велат дека интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање.
„Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа било пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото било пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар“,
се вели во соопштението од ОЈО Гостивар.
Поради постоење опасност од бегство, можност да ја попречуваат постапката со прикривање на доказите и со влијание врз сведоците, како и опасност да го повторат делото, јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените.
Претходно од Министерството за внатрешни работи информираа дека во текот на вчерашниот ден биле приведени две лица и против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело разбојништво.
Од МВР по грабежот на 10 октомври информираа дека вредноста на украденото злато е 1,8 милиони евра.
