Напаѓачите му задале повеќе удари по главата и телото, го собориле сопственикот на земја и му нанеле тешки телесни повреди, вклучувајќи скршеница на десната рака и повреди на увото

Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага против две лица кои се сомничат за насилство извршено пред два дена во угостителски објект во градот. По предлог на јавниот обвинител, на двајцата осомничени веќе им е одреден притвор во траење од 30 дена.
Инцидентот се случил на 18 јануари, еден час по полноќ. Според информациите од Обвинителство, осомничените агресивно се обиделе да влезат во гостилница која веќе била затворена за гости, со намера да продолжат со консумација на алкохол.
Откако сопственикот одбил да ги пушти внатре поради крајот на работното време, напаѓачите започнале со особено агресивни дејствија во дворот на објектот.
Напаѓачите му задале повеќе удари по главата и телото, го собориле сопственикот на земја и му нанеле тешки телесни повреди, вклучувајќи скршеница на десната рака и повреди на увото.
Со физичкиот напад, обвинителството наведува дека осомничените предизвикале сериозно чувство на несигурност и страв кај други лица кои биле присутни во близина.
Насилниците се товарат за кривично дело насилство. Судија на претходна постапка од Основниот суд во Куманово го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор.
