Докторите Златко Станковски и Владимир Митевски работат како специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург, информираа од македонската амбасада во Берлин
Двајца доктори од Македонија вработени во болницата во Магдебург биле дел од лекарските тимови и учествувале во згрижувањето и пружањето помош на настраданите во нападот што вчеравечер се случи на божиќниот базар во овој германски град.

За придонесот на д-р Златко Станковски и д-р Владимир Митевски во спасувањето и лекувањето на погодените од ужасниот настан во Магдебург денеска преку објава на социјалната мрежа Фејсбук информира Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин.
„Горди со д-р Златко Станковски и д-р Владимир Митевски. Златко е од Прилеп, а Владимир од Радовиш. Тие работат како специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург. Синоќа го дадоа својот придонес во спасувањето и лекувањето на погодените од трагедијата во Магдебург. Горди со нашата дијаспора“,
напишаа од Амбасадата на Фејсбук.

Во нападот на божиќниот базар во Магдебург, според досегашниот биланс, убиени се пет лица, а околу 200 се повредени, од кои кај 41 лице се констатирани сериозни повреди. Осомничен за нападот е 50-годишниот Талиб А., со потекло од Саудиска Арабија кој со возило влетал во преполниот со луѓе базар, возејќи околу 400 метри низ толпата.
Тој е уапсен веднаш по нападот и се наоѓа на распит од кој надлежните очекуваат да добијат информации за нападот, кои засега се сè уште нејасни. Осомничениот живеел во Германија од 2006 година и работел како доктор. Според медиумите, тој на властите не им бил познат како исламист, туку напротив, неговата активност на социјалните мрежи сугерира дека бил критичен кон исламот.
Според тамошното обвинителство против него се води истрага за убиство, обид за убиство и нанесување телесни повреди.
Местото на крвавиот настан денеска го посети германскиот канцелар Олаф Шолц, кој, меѓу другото, им оддаде признание на службите кои први реагирале по нападот и кои, како што кажа, спречиле „полош исход“.