Докторите ќе бидат отстранети од Клиниката до донесување на конечно решение во дисциплинската постапка која ја води формираната комисија
Двајца доктори специјалисти од Детската клиника времено се отстранети од работа од установата додека за нив се води дисциплинска постапка согласно членот 192 од Законот за здравствена заштита, информираат денеска оттаму.
Двајцата доктори специјалисти, како што велат од Клиниката, биле дежурни и извршиле преглед на 14-месечното бебе на 3 октомври годинава, а кое два дена подоцна почина на Детската клиника.
Решението за нивно отстранување е донесено врз основа на извештајот на комисијата за стручен надзор што беше формирана од Министерството за здравство. Во извештајот на комисијата, како што рече министерот Арбен Таравари, констатирани биле елементи на лекарски пропуст.
Докторите ќе бидат остранети од Клиниката до донесување на конечно решение во дисциплинската постапка која ја води формираната комисија.
„Врз основа на извештајот на Комисијата за стручен надзор, формирана од Министерството за здравство на Република Северна Македонија, во врска со случајот на починатото 14-месечно дете, каде се констатирани елементи на лекарски пропуст, согласно член 187 од ЗЗЗ и чл.30 од Статутот на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести – Скопје, в.д. директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести на ден 18.10.2024 година, донесе одлука за формирање Комисија за водење на дисциплинска постапка и поднесе пријава за утврдување на дисциплинска одговорност за сторен дисциплински престап на здравствените работници – двајца доктори специјалисти кои биле дежурни и извршиле преглед на малото дете на ден 03.10.2024 година“,
наведуваат од Клиниката.
По смртта на 14-месечното бебе, комисија направи стручен надзор во Клиниката за детски болести и Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, при што беа констатирани системски, технички и стручни недостатоци во овој случај.
Од аспект на стручните забелешки, според Таравари, констатиран е превид во проценката за потреба од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката за детски болести извршен на 3 октомври годинава. Во „Козле“, пак, е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните тешкотии и третманот.
Извештајот од комисијата е испратен до двете клиники, а вчера министерот Тарвари рече дека нема поднесено ниту една жалба од установите.
Тој рече дека очекува директорите на клиниките да преземат соодветни мерки за докторите што направиле превид.
За себе рече дека не е ниту судија, ниту обвинител за тој да бара одговорност од медицинските лица и тоа им го остави на директорите.
Извештајот за извршениот надзвор во клиниките пред два дена го доби и Лекарската комора.
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора вчера одржала седница на која го разгледала овој извештај и дала мислење. Денеска тие информираа дека Лекарката комора нема законска можност самоиницијативно да утврди индивидуална одговорност кај докторите и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај од Министерството за здравство за случајот со починатото 14-месечно бебе на Детската клиника во Скопје.
Оттаму посочија дека Комисијата за етички и правни прашања нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор формирана од Министерството за здравство, ниту самоиницијативно да утврдува мерки, особено што не располага со медицинската документација врз основа на што е изготвен извештајот.