Не прецизира кои земји се подготвени да распоредат војници во Украина, иако засега е познато дека Франција и Велика Британија се меѓу нив
Дваесет и шест земји се подготвени да испратат копнени, воздушни и поморски трупи во Украина, како дел од безбедносните гаранции во случај на мировен договор со Русија, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз.

Не прецизира кои земји се подготвени да распоредат војници во Украина, иако засега е познато дека Франција и Велика Британија се меѓу нив.
Макрон ја обвини Русија дека го одложува мировниот процес за да добие на време и да заземе повеќе украинска територија.
„Како форма на градење мир, 26 земји се обврзаа да распоредат војници во Украина, каде што ќе бидат присутни на копно, море или во воздух“,
изјави Макрон пред новинарите, стоејќи до украинскиот претседател Володимир Зеленски пред Елисејската палата во Париз.
Според странските медиуми, извесно е дека меѓу земјите што не се подготвени да испратат свои војници во Украина се Италија, Полска и Хрватска.
Како што соопшти Макрон, европски лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски имале телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, како и дека придонесот на САД кон планираните гаранции ќе биде финализиран во наредните денови.
За време на телефонскиот разговор со лидерите на „Коалицијата на подготвенитее“, Трамп рече дека Европа мора да престане да купува руска нафта, за која вели дека ѝ помага на Москва да ја финансира војната против Украина.
Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, се сретна со високи француски, британски, германски, италијански и украински дипломати пред самитот, а потоа накратко присуствуваше на отворањето.
Рускиот претседател Владимир Путин ја отфрли можноста за распоредување трупи од земјите членки на НАТО во Украина како дел од мировниот договор.
Но, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги отфрли неговите приговори.
„Зошто ни е гајле што мисли Русија за трупите во Украина? Тоа е суверена земја“,
рече тој.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ рече дека постои решеност украинските воени сили да се направат толку силни што ќе станат челичен еж несварлив за сегашните и идните агресори.
Главната тема на состанокот одржан во Париз, на кој повеќето од учесниците учествуваа преку видеоврска, беа безбедносните гаранции за Украина.