Оттаму додаваат дека вчера била извршена ексхумација и обдукција на една потенцијална жртва, од чие тело се земени ДНК-траги за вештачење

Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага за случај од селото Челопек, каде што 25-годишен маж е осомничен дека на свиреп и подмолен начин лишил од живот жена родена 1947 година. Овој случај, како што велат од Обвинителството, отворил сомнежи за поврзаност со повеќе други слични настани во Кумановскиот Регион.
Според наводите од Обвинителството, убиството се случило во периодот меѓу 27 јануари и 12 февруари годинава.
Осомничениот влегол во куќата додека старицата спиела и физички ја нападнал со силни удари, нанесувајќи и тешки повреди од кои таа починала.
Од Обвинителството велат дека во координирани дејствија со МВР и Институтот за судска медицина веќе работат на поврзување на овој случај со неколку други слични настани.
„Поради сличностите во изборот на жртвата и суровиот начин на извршување, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител“,
информираат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека вчера била извршена ексхумација и обдукција на една потенцијална жртва, од чие тело се земени ДНК-траги за вештачење.
Веднаш по откривањето, 25-годишникот е лишен од слобода и му е одредена мерка притвор. За осомничениот, обвинителството наредило и психијатриско вештачење од страна на тим вешти лица – форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.
Од обвинителството велат дека истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката.
За овој случај изминатиот викенд информираа од Министерството за внатрешни работи од каде што во описот рекоа дека осомничениот влегол во домот на жената, физички ја нападнал и со перница ја задушил.
