Дваесет и петгодишен велешанец од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над малолетната жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отпочна истражна постапка и нареди притвор против четворица велешани и еден тетовец затоа што се осомничени дека сексуално злоупотребувале малолетничка и изготвувале порнографски материјал.
Во описот од Обвинителството стои дека првоосомничениот, дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над малолетната жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.
„Тој во декември 2021 година преку апликацијата Инстаграм остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед“,
се вели во описот на Обвинителството.
Првоосомничениот потоа ја принудувал малолетната жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес.
„На средбите присуствувале осомничени и други непознати машки лица, кои прво консумирале наркотична дрога и алкохолни пијалаци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето жртва и користеле сексуални услуги, иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе“,
додаваат од Обвинителството.
Од Основното јавно обвинителство велат дека поради тоа што постојат околности што го оправдуваат стравот од опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, на предлог на јавниот обвинител судијата на претходна постапка со решение определи мерката притвор за четворица осомничени и мерка куќен притвор за еден од осомничените.
За ова кривично дело предвидена е казна затвор од најмалку осум години.