Освен барање за притвор, јавен обвинител предложил Судот со посебно решение да го прати осомничениот на опсервација и вештачење во Психијатриска болница „Демир Хисар“ бидејќи исказите на дел од сведоците укажале на неодамнешни промени во однесувањето и психичката состојба на осомничениот, од кои, како што велат од ОЈО Битола, произлегува сомневање дека би можел да боледува од некаква душевна болест
Основното јавно обвинителство Битола покрена истрага и предложи притвор против 28-годишник осомничен за обид за убиство врз сопствената баба. Обидот за убиство, како што наведуваат од Обвинителството, се случил при вршење семејно насилство во домот во кој заеднички живееле на улицата „Лавчанска корија” во Битола.

„На 17 јануари, откако претходно ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата со фиока, со рацете ја удирал жената по главата и телото сè додека не паднала во бессознание. Со ударите ѝ нанел повеќе тешки телесни повреди, крварења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски, со кои и е доведен во опасност животот на жртвата“,
наведуваат од Обвинителството.
По настанот, 28-годишникот се обидел да избега но кратко потоа бил приведен.
Освен барање за притвор, јавен обвинител предложил Судот со посебно решение да го прати осомничениот на опсервација и вештачење во Психијатриска болница „Демир Хисар“ најмалку еден месец бидејќи исказите на дел од сведоците укажале на неодамнешни промени во однесувањето и психичката состојба на осомничениот, од кои, како што велат од ОЈО Битола, произлегува сомневање дека би можел да боледува од некаква душевна болест.
