Сакам да изразам сочувство на семејството Флојд. Во иднина ќе има некои други важни информации. Се надевам дека ова ќе ти донесе мир, изјави полицаецот Дерек Шовин пред изрекувањето на пресудата
Смртта на Џорџ Флојд предизвика протести и немири низ цела Америка, а беше причина за покренување на движењето „И животите на црнците вредат“ кое се прошири низ цел свет
Поранешниот полицаец od Минеаполис, Дерек Шовин е осуден на 22 и пол години затвор за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во 2020 година, пренесува Си-Ен-Ен.

Пресудата ја донесе судијата Питер Кејхил, кој рече дека казната претставува примена на владеењето на правото за поединечен случај.
„Пресудата не се заснова на емоции или сочувство, но во исто време сакам да укажам на болката што ја чувствуваат семејствата, особено семејството Флојд. Беше болно во округот Хенепин и низ целата земја“,
рече Кејхил.
Тој посочи дека пресудата не се заснова ниту на влијанието на јавното мислење, ниту пак се обидел да испрати порака до другите како пример, но работата на судијата е да го примени законот за одделни случаи во согласност со фактите.
Во април, Шовин беше прогласен за виновен по сите точки на обвинението, кое го товари за убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од небрежност од втор степен, според американските закони.
Обвинителството побара казна од 30 години затвор.
Со добро однесување, Шовин може да биде ослободен откако ќе издржи две третини од казната, односно за 15 години.
Флојд почина на 25 мај, откако Шовин,, при апсењето за обид да плати во продавницата со фалсификувана банкнота од 20 долари, повеќе од 8 минути го притискаше со коленото на вратот.
Смртта на Џорџ Флојд предизвика протести и немири низ цела Америка, а беше причина за покренување на движењето „И животите на црнците вредат“ кое се прошири низ цел свет.
Пред изрекувањето на пресудата, Шовин изрази сочувство до семејството на Флојд.
Ова е првпат Шовин да зборува директно со семејството на Флојд.
Шовин му рече на судијата дека „во овој момент, од процесни причини, тој не е во можност да даде целосна официјална изјава“.
„Сакам да изразам сочувство на семејството Флојд. Во иднина ќе има некои други важни информации. Се надевам дека ова ќе ти донесе мир. Ви благодарам“,
рече Шовин.