Заразените војници се во изолација, а како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома
Два случаи на шуга се потврдени кај војници во велешката касарна. Како што информираат од АРМ, станува збор за двајца припадници на професионалните војници кои се на обука во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, кај кои е дијагностицирана кожната болест „scabies“. Заразените војници се во изолација, а како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома.
Од Армијата информираат дека заедно со Воено – медицинскиот центар се преземени сите потребни мерки за спречување на евентуално ширење на заболувањето, како и дека е спроведен епидемиолошки надзор и се постапува согласно препораките на стручните лица.
„Армијата континуирано презема соодветни превентивни и против епидемиски мерки за заштита на здравјето на персоналот во Армијата. Дополнително, ве информираме дека сместувањето на војниците е регулирано согласно Правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот извршена е комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња. Капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови,“
велат од АРМ.
Оттаму додаваат и дека во изминатиот период Армијата реализирала повеќе теренски активности и настани каде биле ангажирани неколку стотици војници, но не била евидентирана појава на ваков тип заболување.
Претходно, ТВ 24 објави дека првите симптоми кај војниците се појавиле пред десетина дена и дека најмалку десет војници се во изолација.
Од Министерството за одбрана велат дека постапуваат согласно барањата на Армијата и дека за конкретниот случај ќе се преземат мерки според насоките на Воено-медицинскиот центар
