Македонскиот полициски синдикат е против вакцинација на нашите полицајци во Србија, како што најави Независниот синдикат
Македонскиот полициски синдикат (МПС) е против припадниците на нашата полиција да се вакцинираат во Србија.
Нивната реакција следува откако Независниот полициски синдикат објави дека во соработка со збратимените синдикати од Србија е во завршна фаза на преговори за обезбедување количество вакцини за своите членови.
„Далеку од здрав разум е да бидат изготвувани списоци со лични податоци на наши членови, кои воедно се припадници на безбедносните сили, и доставување на странски држави, со што автоматски би го загрозиле безбедносниот систем на државата“,
се наведува во соопштението на овој синдикат на полицијата.
Од МПС велат дека, според планот за вакцинација, припадниците на полицијата се во приоритетната, втора фаза.
Велат дека би прифатиле донации во вакцини од, како што ги нарекуваат, братски синдикати од соседството и Европа, но вакцинацијата да биде во нашите здравствени установи.
Додаваат и дека се и во секојдневна комуникација со Советот на Европските полициски синдикати, каде што членки се Германија, Шпанија, Франција, Португалија , Италија, Кипар, Грција, Романија, Бугарија, Албанија и сите земји од поранешната СФРЈ.