Претходно денеска пак, Фон дер Лајен на заедничката конференција со бугарскиот премиер Петков, истакна дека С Македонија треба да ги започне преговорите за членство во Унијата
Тензиите меѓу бугарските партии „Продолжуваме да се менуваме“ и „Има такви луѓе“ (ИТН) продолжуваат да растат, овојпат по номинација на дваjца различни кандидати за гувернер на Бугарската народна банка, што довело до директни јавни напади меѓу двете формации на владејачката коалиција, a вербалните препукувања предизвикаа и дебата за ветото на Северна Македонија за пристапните преговори со ЕУ, пишува бугарски дневник.
Во објава на Фејсбук СлавиТрифонов, лидерот на „Има таков народ“, вели дека бугарскиот премиер Кирил Петков без да ги заштити правата на Бугарите сака да го тргне ветото за Северна Македонија.
„За жал, премиерот Кирил Петков постојано се обидува да го заобиколи овој договор и без никакви услови да го отфрли бугарското вето. Тој сака да започне преговори со Северните Македонци до крајот на јуни, без никакви правни гаранции за правата на Бугарите во оваа земја “,
напиша Трифонов во својата објава.
Пратениците од „Има таков народ“ денеска застанаа зад ставот на нивниот лидер.
„Господинот Трифонов беше крајно јасен во тоа што го кажа. Има работи кои се натпартиски и не подлежат на никакви одредби. Без разлика кој е премиер, Бугарија не се продава“,
коментирал пратеникот на оваа партија Станислав Балабанов.
Според него, отсега „внимателно треба да се следат постапките на премиерот Кирил Петков“. Сепак, пратеникот одбил да одговори на прашањето дали партијата ќе ја напушти коалицијата доколку Бугарија го укине ветото за Северна Македонија, додавајќи дека прво мора да се видат позициите на оние кои носат политички одлуки.
Од друга страна, другиот партнер во Владата, партијата „Продолжуваме со промената“, ги отфрли шпекулациите за „задкулисните разговори“ со Северна Македонија за укинување на ветото. Претседателот на најголемата пратеничка група, Андреј Ѓуров, рекол дека нема задкулисни туку интензивни консултации од национален интерес.
„Тајни договори за укинување на ветото нема и не може да има“,
потврдил подоцна копретседателот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов.
Според него, еден човек не може да преземе никакви обврски бидејќи има рамковен став на Народното собрание и без одлука на Парламентот нема начин да се смени ставот на Бугарија кон Северна Македонија.
Иванов за бугарските медиуми потврдил дека оваа тема била дел и од разговорот со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која беше во посета на Бугарија. Таа била информирана од коалиционите лидери дека промената може да се случи само со многу сериозна посветеност на европските институции за заштита на бугарските интереси.
Претседателот на пратеничката група на БСП, Георги Свиленски, рекол дека ветото неможе да се укине до јуни, бидејќи има многу клаузули во договорот што треба да се спроведат.
Претходно денеска пак, Фон дер Лајен на заедничката конференција со бугарскиот премиер Петков, истакна дека Северна Македонија треба да ги започне преговорите за членство во Унијата.
„Сакам сите да ги потсетам дека Европскиот совет во 2020 година донесе крупна одлука да се направи чекор напред и да каже сега е време и ние се обврзуваме, да започнат преговори за почеток на членство со Северна Македонија и Албанија. Тоа е заклучок на Европскиот Совет, обврзувачки. Сега е важно заедно тоа да го испорачаме“,
порача Урсула фон дер Лајен на денешната прес конференција со премиерот Кирил Петков.