За справување со пожарот во близина на Дојран, кој брзо се шири поради ветер, упатен е хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, додека во Демирхисарско, кај селото Сопотница ќе се интервенира со авион „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, информираат од ЦУК
Додека хеликоптери на МВР се борат со огнената стихија што беснее во близина на Свети Николе, два нови силни пожари избувнаа на територијата на државата.

Силен пожар, како што информира попладнево директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, избувнал во близина на Дојран кон селото Николиќ.
„Постои опасност од негово брзо ширење поради ветерот. Упатен е големиот хеликоптер на Министерството за внатрешни работи со ведро под три тона“,
вели Ангелов.
Третиот пожар, информираат од ЦУК, денеска пламнал кај селото Сопотница, Демихисарско. Поради опасност огнот да навлезе во висококвалитетна шума, кон местото е тргнат еден авион „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Според информациите од ЦУК, сè уште трае битката со пожарот во непосредна близина на Свети Николе, кај местото Кривчева река.
Огнот, како што претходно известија од ЦУК, преставува опасност за блиските викендички и семејни куќи. За справување со овој пожар беа активирани два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи.

Претходно денеска од Центарот за управување со кризи соопштија дека е изгаснат пожарот во близина на Штип, а огнената стихија која беснешее во Липковско, ноќеска околу полноќ била ставена под контрола и пожарот е локализиран.
Вчера, според ЦУК, на територијата на државата имало вкупно 29 пожари на отворен простор и сите се изгаснати, меѓу кои и пожарот кој беснееше кај Богданци, во близина на ветерниот парк, кој избувна во четвртокот.