Лицата Ф.А. (26) и В.В. (22), како одговорни во два одделни локали во скопски Центар, пуштале музика во угостителските објекти, односно не ја испочитувале владината одлука за седумдневна жалост која трае заклучно со утрешниот ден
Скопската полиција приведе две одговорни лица во угостителски објекти во Скопје бидејќи пуштале музика во локалите додека траат деновите на жалост. Во соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР) се наведува дека лицата Ф.А. (26) и В.В. (22), како одговорни во два одделни локали во скопски Центар, пуштале музика во угостителските објекти, односно не ја испочитувале владината одлука за седумдневна жалост.

„На 21/22 март во Скопје, во угостителски објекти на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ф.А. (26) од Скопско и В.В. (22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 387 од Кривичниот законик. Во текот на вчерашниот ден во угостителски објекти каде тие се одговорни лица била пуштена музика и не била почитувана одлуката на Владата за седумдневна жалост“,
информираат од МВР.
По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени пријави во врска со членот 387 од КЗ.
Во врска со прекршување на истиот член од Кривичниот законик, полицијата пред два дена приведе двајца 18-годишници за палење на огномет во Скопје додека траат деновите на жалост.
Членот 387 од Кривичниот законик е во групата кривични дела против јавниот ред и гласи:
„(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.“
Владата минатата недела донесе одлука за седумдневна жалост на територија на целата држава поради трагедијата во Кочани, кога во голем пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, а околу 200 се повредени.