Во врска со изработката на потрошувачката кошничка, Дурмиши рече дека е подготвена драфт-верзија за која се дискутира и активно се работи на нејзино финализирање

Доколку од 1 мај има девијантно однесување од страна на маркетите или енормно зголемување на цените на производите ќе бидат воведени поригорозни мерки, најави денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Дурмиши најавува и дека од почетокот на идниот месец во соработка со Државниот пазарен инспекторат ќе вршат контроли на терен за да видат дали по завршување на мерката за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените, ќе има енормно зголемување.
Дурмиши рече дека доколку е потребно, идните мерки ќе бидат поригорозни од досегашните.
„Ова значи дека може да биде проширен опфатот на производи на кои се ограничува цената, да се воведе ограничување на маржите на сите производи во маркетите или да се зголеми вредноста на постојното ограничување на маржите“,
рече министерот.
Според него, мерките на Владата за ограничување на цените на основните прехранбени производи завршуваат во среда, а првичните податоци од релевантните институции покажуваат позитивни резултати. Според официјалните податоци, рече Дурмиши, во март е забележана инфлација од 2,7 проценти, а во споредба со февруари, има дефлација од 1,3 отсто во делот на храна и пијалоци, односно намалување на цените.
Дополнително, податоците за април исто така укажуваат на намалување на цените на храната и пијалоците.
Во врска со изработката на потрошувачката кошничка, Дурмиши рече дека е подготвена драфт-верзија за која се дискутира и активно се работи на нејзино финализирање. Се очекува таа да биде достапна во најкраток можен рок.
„Потрошувачката кошничка ќе содржи прецизни податоци за тоа кои производи, во кој временски период и во кои количини се трошат од страна на граѓаните. Цените ќе бидат земени од повеќе трговци“,
додаде Дурмиши.
Работната група на овој проект работи веќе два месеци, а финалниот документ се очекува да биде готов идниот месец. Потоа ќе биде разгледан од Владата и доставен до Економско-социјалниот совет по формирање на репрезентативност на синдикатите, каде што ќе се дискутира и гласа. После тоа, потрошувачката кошничка ќе биде достапна и за јавноста.
Дурмиши рече и дека се уште не е дефинирано дали кошничката ќе биде за три или четиричлено семејство, а одлуката ќе биде донесена по анализа на сите релевантни податоци и мислења од членовите на работната група.
Од 20 февруари, дел од основните прехранбени производи се продаваат со пониски цени. Производите што се опфатени со владината мерка за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените се обележани со натписите „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или со „Замрзнати цени“.
Со ограничена бруто-профитна маржа од пет отсто се продаваат млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините ќе имаат ограничена маржа од 10 отсто, а на 15 отсто се ограничува на средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија. Како највисока цена за ограничувањата беше земена онаа што важела на 1 февруари годинава.
Со одлуката се опфатени 102 групи производи или над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи. Трговците се задолжени на рафтовите да имаат најмалку 70 отсто од овие 102 групи на производи.