Ако сакаме да се вратиме во нормала и да избегнеме друг бран, треба да бидеме сигурни дека секој што развива симптоми веднаш оди на тестирање. За вирусот има многу да се каже, но едно е познато и докажано ширум светот, зголемувањето на бројот на тестови е најефикасниот начин за изолирање на пациентите и спречување на проширувањето.
Ова денеска на прес-конференција го порача градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, кој е дел од Демократската унија за интеграции (ДУИ).
Како претставник на ДУИ, тој излезе со барање дури и до трипати да се зголеми бројот на тестирања на дневно ниво.
„Досега имаме направено 19 739 теста во Северна Македонија, со 1 694 позитивни случаи. Дури и ако бројот на тестови во земјава се зголеми во текот на последните денови, тоа е поради тоа што ДУИ инсистира на оваа барање во Владата, и треба да продолжи со зголемување на бројот на тестови уште повеќе и веднаш. Ние треба да бидеме на врвот во регионот и меѓу најдобрите во Европа. Како идна кандидат за членка на ЕУ, веќе мора да се однесуваме како земја членка на ЕУ, или и подобро. Ова значи дека ние мора барем трипати да го зголемиме бројот на тестови по глава на жител и на неделно ниво. Како прв чекор, потребни се најмалку 500 теста на ден, а потоа бргу да се достигне бројката од 750 теста на ден“,
рече Дука.
По успешни модели од европските земји, вели тој, мора да се има сериозна стратегија за тестирање. Да не се тестираат само граѓани со симптоми и оние што биле во контакт со заразени, туку редовно да се прават тестови и на репрезентативен примерок од населението за да се добие јасна слика за развојот на состојбата.
„Исто така, ни требаат периодични примероци од фабриките и другите места, каде што многу луѓе работат заедно. Зголемување на тестовите базирано на сериозна стратегија е клучно во борбата против вирусот, но и за укинувањето на ограничувањата и враќањето во нормалност што е можно поскоро. Професионалното следење треба да се комбинира со хигиенски мерки и самоодговорност за да се спречи ново проширување по укинувањето на ограничувањата. Тоа е единствениот начин да ги заштитиме нашите граѓани и економијата. Никој не би имал корист од укинување на ограничувањата, доколку дојде до друго избувнување и ќе мораме повторно да затвориме сè“,
вели Дука.
Тој вели дека Дебар ја биел најтешката битка против ковид-19 во земјата, но таа е добиена со строго следење на препораките и дисциплина и од 13 април во оваа општина веќе нема коронавирус.
