Оттаму апелираат до надлежните органи веднаш да реагираат и да ги идентификуваат и санкционираат сторителите согласно законот
Остра осуда за физичкиот напад врз скопската градоначалничка Данела Арсовска попладнево стигна и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде велат дека станува збор за срамен и неприфатлив чин.

Според опозициската партија актите на насилство, вербалните напади и обидите за попречување на институционалните претставници во извршувањето на нивните обврски претставуваат директен напад врз демократскиот поредок и функционирањето на правната држава.
„Независно од политичката припадност или институционалната функција, ниту еден функционер не смее да биде предмет на јавен линч или физичка и вербална агресија“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Оттаму апелираат до надлежните органи веднаш да реагираат и да ги идентификуваат и санкционираат сторителите согласно законот.
„Демократската унија за интеграција ќе продолжи да го брани уставниот поредок, интегритетот на институциите и демократската соживот во земјата“,
порачуваат од партијата.
Реакции со осуда на инцидентот попладнево стигнаа и од опозициската СДСМ и Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска пренесувајќи го партискиот став рече дека нападот врз официјални претставници на Град Скопје е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава актуелната власт.
Од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје бара од институциите да го расветлат случајот „се до конечно дознавање на вистината и утрдување на фактите“.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска околу пладне беше нападната на улица во скопската општина Чаир додека со нејзини соработници од Градот вршеле увид на дивоградба.
Според сведочењето на Арсовска, напаѓачот ѝ се заканувал со силување и убиство на нејзините блиски, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со клоци.
Арсовска во изјава за медиумите по укажаната лекарска помош во ГОБ „8 Септември“ кажа дека сето тоа се случувало пред полициски службеници на Министерството за внатрешни работи кои не го привеле лицето.
Овој момент како особено загрижувачки го оценија од Хелсиншкиот комитет за човекови права од каде бараат итна истрага и одговорност за полициските службеници, кои според изјавата на градоначалничката, не презеле соодветни мерки за нејзина заштита.