ДУИ смета дека премиерот Мицкоски настапува популистички и ја отфрла можноста за дополнување на Уставот со внесување неколку малцинства, а воедно ги изигрува „ерга омнес“ обврските од договорот со Грција

Според ДУИ, власта ја води државата во погрешен правец и граѓаните сѐ погласно бараат ново политичко преиспитување.
„По клучните прашања од стратешки интерес, власта се соочува со целосен пораз на приоритетите кои самата ги претстави како државен интерес, што несомнено треба да резултира со предвремени парламентарни избори. Водени од популистичките мотиви во пресрет на претстојните локални избори, власта целосно го отстрани ‘европското досие на земјата’ и можноста за продолжување на преговорите со ЕУ“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму сметаат дека премиерот не само што настапува популистички и ја отфрла можноста за дополнување на Уставот со внесување неколку малцинства, туку јавно се фали и го посочува како највисок политички успех на земјата изигрувањето серија од „ерга омнес“ обврските кои произлегуваат од стратешкиот договор со Грција или Преспанскиот договор.
„Тоа само укажува дека јавниот притисок што го создаваат изборите целосно ја оттргнаа оваа влада од европското досие, или како што самите го нарекоа ‘приоритетот број еден’. Власта со своите постапки ги прави сите напори за дерогирање на механизмите кои прозлегуваат од Охридскиот рамковен договор, што, пак, претставува сериозно наручување на мултиетничкиот карактер на државата – најсилниот и најважен темел на долгорочната стабилност и просперитет“,
тврдат од ДУИ.
Партијата смета дека нема преговори и власта целосно го заробила правосудниот систем, па го ставила во лична и партиска фунција, а воедно на јавна сцена демонстрира дисциплина и надвластување и врз Јавното обвинителство и врз судската власт.
„Оваа неприродна состојба создава јасна и недвосмислена потреба кај граѓаните за политичко преиспитување на власта. На државата ѝ е потребна долгорочна политичка стабилност што единствено може да се обезбеди преку одржување предвремени парламентарни избори заедно со локалните“,
се вели во соопштението на ДУИ.